Меѓу пожарите кои се ставени под контрола се пожарот во селото Орман во Ѓорче Петров, пожарот кај Смилковското Езеро и пожарот на депонијата во Шуто Оризари
Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека до 12 часот се регистрирани 16 пожари на отворен простор на целата територија на државата. Од нив активни се осум, под контрола пет, а изгаснати три пожари.

Според извештајот на ЦУК, активен шумски пожар има помеѓу селата Блаце и Горњани во Чучер Сандево, во прилепското село Бешиште, а гори и во дојранското село Николич, каде што е зафатена нискостеблеста шума.
Шума и сува трева се зафатени во селото Градец во Крива Паланка, а пожар е регистриран и во Општина Чашка под Солунска Глава. Три од активните пожари се на територија на Македонски Брод, и тоа помеѓу селата Црешнево и Локвица, каде што горат дабова шума и грмушки, кај селата Рамне и Ковче, каде што е зафатена ниска вегетација и кај селото Слатина, каде што е опожарена мешана шума.
Под контрола се пет пожари на отворен простор и тоа:
- Ѓорче Петров – село Орман (ниска вегетација и дрво)
- Гази Баба – Смилковско Езеро (ниска вегетација)
- Шуто Оризари – депонија
- Кочани – Јастебник и Полаки, м. в. Бабиште (шума и сува трева)
- Делчево – градска депонија Острец
Како што информира ЦУК, изгаснати се три пожари – кај местото викано Брежјето во Делчево, меѓу селата Ларце и Горна Лешница во Желино и населбата Средорек во Куманово.