Цените на бакарот во САД вчера се искачија на рекордно високо ниво откако Трамп изјави дека Вашингтон ќе воведе царини од 50 проценти за индустрискиот метал
Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Доналд Трамп, изјави дека размислува за воведување дополнителни царини од 200 отсто за увоз на фармацевтски производи и 50 отсто за увоз на бакар, пренесува Си-ен-ен.
Ваквата најава ја даде изразувајќи надеж дека ќе се отворат повеќе домашни фабрики во тие сектори.

„Наскоро ќе објавиме нешто за фармацевтските производи. Ќе им дадеме на луѓето рок од една година, година и пол да дојдат тука, а потоа ќе имаат царини“,
рече тој.
Сепак, додаде дека таквата мерка би може да се одложи за околу една година.
Бакарот и фармацевтските производи се меѓу секторите за кои тој се закани со специјални дополнителни царини, заедно со полупроводниците и градежните материјали.
Бакарот е клучна компонента за различни производи, вклучувајќи електроника, машини и автомобили. Царините за бакар би можеле да ги направат тие производи поскапи за Американците.
Според податоците на Министерството за трговија на САД, минатата година е увезен бакар во вредност од 17 милијарди долари. Чиле е најголемиот странски снабдувач на металот. Минатата година од Чиле во САД е испорачан бакар во вредност од 6 милијарди долари.
Во својот втор мандат, Трамп веќе воведе царини од 50 проценти за увоз на челик и алуминиум, во обид да ја поттикне реиндустријализацијата на Соединетите Американски Држави (САД).
Тарифите за бакар ќе бидат додадени на тарифите што веќе се во сила за увоз на челик, алуминиум и автомобили.
Цените на бакарот во САД вчера се искачија на рекордно високо ниво откако Трамп изјави дека Вашингтон ќе воведе царини од 50 проценти за индустрискиот метал.
Трамп пред два дена објави дека од 1 август ќе воведат нови царински стапки на увоз од најмалку 14 држави, а меѓу нив се две држави од Западен Балкан. Така, тој објави воведување царини од 30 отсто на увозот од Босна и Херцеговина и 35 отсто на увозот од Србија, потоа 25 отсто за Јапонија, Јужна Кореја, Малезија и Казахстан, 30 отсто за Јужна Африка, 32 отсто за Индонезија, 35 отсто за Бангладеш, 36 отсто за Камбоџа и Тајланд и 40 отсто за Лаос и Мјанмар.