Реакцијата следува откако американскиот претседател Доналд Трамп преку социјалната мрежа Трут соушал им се закани на земјите од БРИКС со дополнителни царини од 10 отсто

По најавата на американскиот претседател Доналд Трамп за воведување дополнителни царини од 10 проценти за земјите од БРИКС, Кина соопшти дека групата не бара конфронтација.
„Кога станува збор за царините, Кина секогаш го истакнуваше својот став според кој трговските војни и војните со царините не даваат победник, а протекционизмот не дозволува напредок“,
изјави портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг.
Таа додаде дека БРИКС се залага за отворање, инклузија и соработка во која сите се победници.
„Групата не се впушта во конфронтација и не е насочена ниту против една земја“,
истакна Мао.
Трамп претходно најави дека САД од денеска ќе почнат да испраќаат писма до своите трговски партнери за новите договори и царини. Тој преку неговата социјална мрежа Трут соушал им се закани и на земјите од БРИКС со дополнителни царини од 10 отсто.
„Секоја земја што се согласува со антиамериканската политика на БРИКС ќе плати дополнителни царини од 10 проценти. Нема да има исклучоци“,
објави Трамп.
Неговата изјава уследи откако на Самитот на БРИКС, што се одржува два дена во Рио де Жанеиро, ја критикуваа царинската политика, предложија реформи на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и начинот на кој се одредува вредноста на клучните светски валути.
Земји-членки на БРИКС се Бразил, Русија, Индија, Кина, Јужна Африка, Египет, Етиопија, Иран, Обединетите Арапски Емирати, Индонезија и Виетнам. Земји-партнери се Белорусија, Боливија, Куба, Казахстан, Малезија, Нигерија, Тајланд, Уганда, Узбекистан. БРИКС сочинува 44 проценти од глобалниот бруто домашен производ и 56 отсто од светската популација.