Францускиот министер Бенжамен Хадад ја повторил поддршката на Франција за европската перспектива на земјава, а во оваа насока биле истакнати постојните француски иницијативи, меѓу кои ангажманот на технички експерти во македонски институции, како придонес за унапредување на реформските процеси и усогласување со европските стандарди
Потребна ни е посветеноста на Франција за да постигнеме заеднички успех и решителен напредок кон консолидирањето на Европа во овие турбулентни геополитички времиња – порачал министерот за европски прашања Орхан Муртезани за време на средбата во Париз со министерот делегиран за Европа во Министерството за Европа и надворешни работи на Франција, Бенжамен Хадад.

Во фокусот на средбата, како што наведуваат од Министерството за европски прашања, биле перспективите за унапредување на билатералната и институционалната соработка, особено во доменот на политиката на проширување на Европската Унија со регионот на Западен Балкан, како и зајакнувањето на политичкиот дијалог и координацијата во клучните политички европски и безбедносни прашања
„Муртезани ја реафирмира подготвеноста на Северна Македонија да понуди стабилно, демократско и реформски-ориентирано партнерство, поддржано со конструктивен придонес за добрососедските односи и регионалната соработка. Во таа насока, Муртезани ја истакна потребата од континуирана и принципиелна француска поддршка за евроинтегративниот процес, потенцирајќи дека целосната интеграција на Северна Македонија и регионот во Унијата останува најсилниот гарант за долгорочна стабилност, демократска консолидација и европски просперитет“,
наведуваат од Министерството.
Хадад ја повторил поддршката на Франција за европската перспектива на земјава, а во оваа насока биле истакнати постојните француски иницијативи, меѓу кои ангажманот на технички експерти во македонски институции, како конкретен придонес за унапредување на реформските процеси и усогласување со европските стандарди.
„Министерот Муртезани ја реафирмира определбата на Владата за продолжување на реформите и за иницирање на нови форми на институционално партнерство со Франција, препознавајќи го Париз како незаменлив сојузник во реализацијата на стратегиските евроинтегративни цели на Северна Македонија“,
соопштија од Министерството за европски прашања во врска со средбата.
Министрите ги разгледале натамошните чекори за продлабочување на соработката меѓу Скопје и Париз, особено преку промоција на нови можности за француски инвестиции во енергетиката, дигиталната трансформација и инфраструктурата, како и зајакнување на размената во сферата на образованието и културата.