Под наслов „Десничарски пароли на најголемата хрватска сцена“, авторот Михаел Мартенс пишува дека концертот на Томпсон, на кој присуствуваа повеќе од 500 илјади луѓе и се одржа во саботата на загрепски Хиподром, бил повеќе од музички спектакл, односно, дека бил огледало на длабоко вкоренетите историски контроверзии и општествени поделби во Хрватска

Германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ) објави критичка анализа за концертот на Марко Перковиќ-Томпсон во Загреб, во која се предупредува на присуството на крајнодесничарски пароли и рехабилитација на усташкиот режим пред стотици илјади луѓе.
Под наслов „Десничарски пароли на најголемата хрватска сцена“, авторот Михаел Мартенс пишува дека концертот на Томпсон, на кој присуствуваа повеќе од 500 илјади луѓе и се одржа во саботата на загрепски Хиподром, бил повеќе од музички спектакл, односно, дека бил огледало на длабоко вкоренетите историски контроверзии и општествени поделби во Хрватска.
Мартенс потсетува дека најпознатата песна на Томпсон, „Бој на Чавоглаве“, започнува со извикот „За дом спремни“, официјална парола на усташкиот режим на Анте Павелиќ, сојузник на Хитлер на Балканот за време на Втората светска војна. На концертот во Загреб стотици илјади луѓе одговарале со „спремни“ на извикот на Перковиќ, што авторот го споредува со хрватска верзија на хајл Хитлер.
ФАЦ наведува дека за време на петгодишниот терор на НДХ биле убиени речиси 500 000 луѓе, вклучително над 300 000 Срби, како и Евреи, муслимани, Роми и Хрвати. Само во логорот Јасеновац, кој весникот го нарекува најголем логор на смртта што не го воделе Германците, биле убиени над 80 000 луѓе.
Весникот ги истакнува контрадикторните изјави на Томпсон за поздравот „За дом спремни“ и неговото тврдење дека тој има постари корени. Сепак, Мартенс нагласува дека денес овој слоган не може да се одвои од фашистичкиот контекст од периодот 1941-1945, слично како што изразот „Jedem das Seine“ (Секому според заслугите) е неразделив од концентрациониот логор Бухенвалд.
ФАЦ, како што пренесува „Индекс“, предупредува и на загрижувачките резултати од истражување на загрепскиот Институт за општествени истражувања според кое една третина од младите во Хрватска веруваат дека НДХ само ги штитела интересите на Хрватите.
Томпсон, кој од 2019 година не дава интервјуа, одбил да одговори на прашањето што мисли за Павелиќ велејќи:
„Тоа би го задржал за себе“.
Авторот на текстот заклучува дека методот на Перковиќ е едноставен – да изговори нешто двосмислено, потоа да тврди дека е погрешно разбран или да негира дека го познава историскиот контекст на она што го зборува, оставајќи ја публиката да ја доврши пораката. Неговиот бизнис-модел, кој со децении е ист, го користи угледот на патриот за профит, но и за рехабилитација на усташкиот режим.
ФАЦ ја критикува и политичката поддршка за Томпсон. Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ присуствуваше на генералната проба и се фотографираше со пејачот, а на концертот беа и министерот за внатрешни работи Давор Божиновиќ и министерот за одбрана, кои го нарекле настанот прослава на заедништвото и патриотизмот.
Значајна улога имала и Католичката црква – пензиониран бискуп читаше молитва преку видеоекран, иако Томпсон не е познат по особена религиозност.
ФАЦ заклучува дека концертот на Томпсон продолжува да го поларизира хрватското општество.
„Додека стотици илјади луѓе го слават неговиот спој на кич, воена романтика, католицизам и историски ревизионизам, речиси ист број граѓани решително го отфрлаат“,
се наведува во анализата на германскиот весник.