Две лица загинаа за време на немирите во Цицеро, предградие на Чикаго, кои во САД траат веќе седми ден поради насилната смрт на Афроамериканецот Џорџ Флојд за време на неговото апсење, јави Би-би-си.
Претставник на градските власти изјави дека 60 лица се уапсени, но не даде дополнителни информации за загинатите или за околностите на нивната смрт.
Протестите што започнаа од Минесота, а се создадоа како револт кон полициската бруталност сега се раширени речиси низ целата земја, дури и во некои градови во Европа.
Братот на убиениот Џорџ Флојд, Теренс, вчера рече дека е потребно протестите да бидат мирни, а не насилни.
Тој Еј-би-си њуз изјави дека сака да се поднесе обвинение за убиство од прв степен против полицаецот Дерек Шовин, кој со колено го задуши неговиот брат, како и против другите полицајци што учествуваа во таа акција.
Тој нагласи дека неговиот постар брат се залагал за мир и, како што истакна, многумина го опишале Џорџ Флојд како „нежен џин“.
Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа ги ангажираше војската и Националната гарда за да ги растера демонстрациите околу Белата куќа, а потоа се прошета во паркот до блиската црква и се фотографираше со Библијата.
Protest organizer on today’s large peaceful demonstration in Seattle that’s now headed to SPD’s east precinct in Capitol Hill. #GeorgeFloyd pic.twitter.com/HhhK1U94lQ
— Michael Spears (@MichaelKIRO7) June 2, 2020
„Јас сум претседател на редот и законот, и сојузник на сите мирни демонстранти“, изјави Трамп и порача дека ако сојузните држави и градовите не се способни да ја смират ситуацијата кај себе, тој може да нареди војската и Националната гарда да го направат тоа.
Трамп одржа говор, но интересно, не кажа ништо за полициската бруталност и самоволието на униформираните лица во САД, главната причина за наелектризираната атмосфера во земјата.
Во САД никогаш досега, освен за време на Граѓанската војна во 19 век, армијата не била ангажирана против американски граѓани.
Властите во Вашингтон синоќа првпат по 1942 година воведоа полициски час, кој траеше од 19 часот до рано изутрина, а ќе биде воведен и повторно доколку има потреба.
Поради немирите, палењето објекти и автомобили, уништувањето приватни бизниси и грабежи, полициски час беше воведени во уште десетина града во САД, најголемите од нив се Лос Анџелес, Атланта и Њујорк, со почеток во 23 часот до утринските часови.