Директорот на ДЗС соопшти дека два полициски и еден армиски хеликоптер, како и еден „хермелин“ со цистерна, еден „пинцгауер“ и едно теренско возило „амарок“, сите во сопственост на ДЗС, дејствуваат како поддршка на скопската противпожарна бригада која со повеќе пожарникари и возила го гаси големиот пожар
Можна причина за пожарот што вчера попладне избувна во скопско Чучер Сандево, над магистралниот пат Скопје-Блаце, е фрлено догорче од цигара од возило во движење или намерно потпалување.

Ова рано утринава го соопшти директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, кој информира за состојбата со големиот пожар кој избувна вчера во попладневните часови.
Ангелов соопшти дека два полициски и еден армиски хеликоптер, како и еден „хермелин“ со цистерна, еден „пинцгауер“ и едно теренско возило „амарок“, сите во сопственост на ДЗС, дејствуваат како поддршка на скопската противпожарна бригада која сповеќе пожарникари и возила го гаси големиот пожар.
„Од мое непосредно забележување можам да кажам дека овој пожар изби непосредно до магистралниот пат кон Блаце и можна причина е фрлен отпушок од цигара од возило во движење или намерно потпалување. Затоа, апелираме до граѓаните да се однесуваат совесно и никогаш да не фрлаат отпушоци од цигари надвор од возило, дури и тогаш кога се убедени дека се изгаснати“,
вели Ангелов.
Директорот на ДЗС апелира до граѓаните доколку забележат пожар веднаш да пријават на бројот 112.
Министерството за внатрешни работи доцна синоќа информира дека е нормализиран сообраќајот до граничниот премин „Блаце“ и дека е укината забраната за движење за товарните возила и автобусите која беше воведена вчеравечер откако пожарот над магистралниот пат Скопје-Блаце се прошири.