Од Центарот за управување со кризи велат дека упатиле барање за воздухопловна поддршка до МВР бидејќи противпожарните екипи не биле во можност да интервенираат од копно

Екипи на скопската противпожарна бригада интервенираат во гаснење пожар на патот што води кон граничниот премин „Блаце“.
Пожарот е над магистралниот пат Скопје – „Блаце“, пред тунелот од десна страна и е на непристапен терен.
На локацијата, како што информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК), гори сува трева и пожарот се шири кон шума.
Од Центарот за управување со кризи велат дека упатиле барање за воздухопловна поддршка до МВР бидејќи противпожарните екипи не биле во можност да интервенираат од копно. Авионот, велат од ЦУК, е во фаза на техничка подготовка и се очекува наскоро да полета.
„Пожарот е со голем интензитет, а силниот ветер го разгорува и го насочува кон ридот, додека другиот крак се движи кон селата Блаце и Чучер Сандево“,
велат од ЦУК.
Оттаму велат дека за пожарот се известени локалната самоуправа во Чучер Сандево и јавното претпријатие „Караџица“.
Освен овој пожар, од ЦУК велат дека во земјата се активни четири други.