Партијата смета дека е апсурд СДСМ денес да говори за економија, бидејќи токму тие го уништиле животниот стандард, ја донеле инфлацијата над 20 отсто и го задолжиле народот, при што јавниот долг во нивно време достигнал 65 отсто од БДП

ВМРО-ДПМНЕ ги отфрла денешните обвинувања на потпретседателката на СДСМ, Каја Шукова, за пад на странските инвестиции и економски колапс на државата.
Шукова рече дека податоците на Народната банка покажуваат дека во последниот квартал од 2024 година странските директни инвестиции (СДИ) се намалиле од 397,5 милиони евра на 135,8 милиони евра, што претставува пад од 261,7 милиони евра.
Во споредба со истиот квартал минатата година, Шукова рече дека падот е 191,4 милиони евра, што, според неа, е најниско ниво на СДИ од 2020 година, кога имаше пандемија со ковид-19.
Владејачката партија во својата реакција не ги коментираше податоците што Шукова рече дека се преземени од Народната банка. Оттаму тврдат дека е „небулозно СДС да говори за странски инвестиции кога народот го оставија со 150 денари на ден, буџетската каса празна и државата на раб на банкрот“.
Во реакцијата, ВМРО-ДПМНЕ посочува дека по седум години владеење на СДСМ, системот бил руиниран, институциите нефункционални, а буџетската каса опустошена.
Тие обвинуваат дека СДСМ и ДУИ изминатите седум потрошиле милионски буџети, оставајќи хаос во институциите и системски колапс.
„СДС го остави народот со празни џебови на раб на сиромаштија, 600 000 наши сограѓани живееја со помалку од 150 денари на ден, додека блиските и врхушката на СДС профитираа врз грбот на граѓаните и ги прошируваа фамилијарните бизниси“,
се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата смета дека е апсурд СДСМ денес да говори за економија, бидејќи токму тие го уништиле животниот стандард, ја донеле инфлацијата над 20 отсто и го задолжиле народот, при што јавниот долг во нивно време достигнал 65 отсто од БДП.
„Лицемерно е СДС да говори за инвестиции и економија кога во нивно време државата дојде на раб на банкрот, платите доцнеа или не се исплаќаа со месеци, за разлика од денес кога платите се добиваат на време, а Македонија е 4. економија во Европа“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Владејачката партија ги истакнува своите достигнувања, наведувајќи дека денес има рекордни странски директни инвестиции од 1,2 милијарди евра. Тие додаваат дека се градат автопатишта, општините и бизнисите имаат поддршка над 500 милиони евра, се отвораат нови фабрики и нови работни места.
Од ВМРО-ДПМНЕ информираат и за зголемување на пензиите за 5 000 денари, како и зголемени плати во образованието, здравството и МВР.
Денеска, потпретседателката на СДСМ, Каја Шукова, на прес-конференција рече дека странските инвестиции во Северна Македонија се намалени за 261 милион евра и обвини дека владата на ВМРО-ДПМНЕ ја уништила довербата на инвеститорите.