Муцунски вели дека податоците укажуваат на значително поголем извоз од увоз, што, според него, значи повеќе свеж капитал во државата, зајакната девизна позиција и дополнителен поттик за економски раст

Извозот од земјава во мај годинава забележал раст од 23,44 отсто, вели министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
Во објава на својот фејсбук-профил, Муцунски вели дека статистичките податоци покажуваат позитивни трендови за македонската економија.
Тој вели дека за првите пет месеци од годината порастот изнесува 3,15 отсто.
„Во истиот период увозот е зголемен за само еден отсто, што упатува на стабилен трговски биланс и позитивно салдо“, објави министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.
Муцунски вели дека податоците укажуваат на значително поголем извоз од увоз, што, според него, значи повеќе свеж капитал во државата, зајакната девизна позиција и дополнителен поттик за економски раст.
„Зголемениот извоз отвора нови работни места, го зајакнува домашното производство и ја зголемува конкурентноста на македонските производи“, напиша Муцунски на социјалните мрежи.
Податоците, според Муцунски, го потврдуваат ефектот од економските политики на Владата, и дека дури и во услови на стагнација на европскиот пазар државата има стабилни и позитивни трендови во извозот.