„Штипска Aпелација направи и анализа за состојбата со другите судови со проширена надлежност на подрачјето на штипска Апелација. Ги анализиравме сите аспекти и ценевме дека најцелисходно би било предметот да се прати во Основниот кривичен суд во Скопје“, вели Фидани

Ценевме дека најцелисходно би било предметот за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, што беше оформен по поднесен обвинителен акт од кочанското Основно јавно обвинителство да се прати во Основниот кривичен суд во Скопје.
Ова беше одговорот што денеска го даде новиот претседател на Врховниот суд, Африм Фидани, објаснувајќи ги причините за неодамна уважениот предлог и донесеното решение со кое за стварно и месно надлежен суд за постапување по обвинителниот акт го определи скопскиот Основен кривичен суд.
„Претходно одржавме состанок на кривичниот оддел и го разгледавме предметот, по што се формираше совет за одлучување. Ги анализиравме сите укажувања што беа дадени од страна на Апелацискиот суд Штип и увидовме дека најцелисходно би било предметот да се оформи во Основниот кривичен суд Скопје“,
рече Фидани, кој одговараше на прашања откако ја даде свечената заклетва во Судскиот совет.
На прашањето за причините поради кои предметот не може да се суди во судовите од штипското апелациско подрачје, Фидани објасни дека извештајот од штипска Aпелација укажувал на одредени проблеми.
„Што се однесува до Основниот суд Кочани, каде јас бев исто така одговорен и подобро ги знаев околностите таму, недостасуваат човечки ресурси, пред сѐ судии. Штипска Aпелација направи и анализа за состојбата со другите судови со проширена надлежност на подрачјето на штипска Апелација. Ги анализиравме сите аспекти и ценевме дека најцелисходно би било предметот да се прати во Основниот кривичен суд во Скопје“,
додаде претседателот на Врховниот суд.
За овој предмет и неговото распоредување во скопскиот Кривичен суд, шефот на Судскиот совет, Александар Камбовски, очекува постапката да биде ефикасно спроведена.
„Очекувам ефикасно и ефективно да се спроведе постапката и да добијат и граѓаните и државата и сите ние да добиеме едно правично и фер судење во кое се надеваме тој што треба да одговара, ќе одговара, ако некој е погрешно обвинет, да биде ослободен“,
рече Камбовски во одговор на новинарско прашање.
Инаку, предметот вчера од Основниот суд во Кочани беше доставен во Основниот кривичен суд Скопје.
Откако Основниот суд кривичен суд Скопје е определен како надлежен за постапката, оттаму велат дека доставениот обвинителен акт, согласно Автоматизираниот систем за распределба на судски предмети – АКМИС, ќе биде распределен на совет за оцена на обвинителен акт.
По приемот обвинението ќе биде доставено и до обвинетите, по што ќе почне да тече законскиот рок за приговор, што според Законот за кривична постапка (ЗКП) изнесува осум дена.
Јавното обвинителство на 13 јуни, неполни три месеци од пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, соопшти дека е поднесено обвинение против 34 физички и три правни лица за трагедијата во која загинаа 62 лица, а повеќе од 200 беа повредени.