Реакцијата на Костадинов следи откако лидерот на партијата Венко Филипче објави дека за градоначалник на Струмица ќе го кандидираат општинскиот претседател Марјан Даскаловски
По објавата на лидерот на СДСМ Венко Филипче дека партијата за градоначалник на Струмица ќе го кандидира општинскиот претседател на партијата Марјан Даскаловски, актуелниот градоначалник Костадин Костадинов на Фејсбук објави дека го замрзнува членството во СДСМ додека не се смени партиското раководство.
пишува Костадинов.
„Мојата партиска припадност од денес е замрзната во СДСМ, не со ова раководство, не додека СДСМ не се врати таму каде што и е местото, најмалку каде што е сега. Ова не е крај. Ова е моментот кога човекот мора да зборува чесно, и од срце. Во изминатите 11 години, од 2013 наваму, не изгубив ниту едни избори. Не затоа што бев најгласниот. Не затоа што бев најсилно партиски поддржан. Туку затоа што луѓето гледаа нешто друго во мене: работа, доследност и љубов кон градот. Јас не сум случаен градоначалник. Јас сум дете на оваа земја, на оваа улица, на овој пазар. Секој проект, секој парк, секоја пешачка патека – ги градев како да ги правам за моето семејство“
Тој додава дека во сегашната политичка слика, неговата кандидатура од која било партија е бесмислена.
„Не затоа што се плашам од пораз. Јас не знам што значи да изгубиш избори. Туку затоа што нема вистинска понуда за градот. Нема суштинска дебата. Нема нова визија. Нема предизвик. А човек што нема предизвик – ќе победи, но ќе тапка во место. А тоа е пораз што не го прифаќам. Паметно е да направиш чекор назад кога немаш конкуренција, за да ја видиш планината од дрвото кое што сега ти ја крие. Во мојот дом, со моите најблиски, отворивме душа. И решивме: Да, сè уште можам. Да, и понатаму ќе победувам. Но не сакам да бидам градоначалник по инерција. Сакам да бидам избор по потреба, по убедување, по визија. А во моментов – нема таква трка без реална конкуренција и со немање стратешка партиска поставеност по хоризонтала и вертикала“,
посочува Костадинов.
Тој најавува дека во следните месеци ќе започне со креирање на ново интерпартиско делување, кое ќе го презентира по завршувањето на локалните избори.
„Мојата стратешко-политичка одлука за делување во СДСМ или можеби надвор од СДСМ ќе биде јавно кажана во два дела. Првата ќе биде септември, конечната по завршување на овие локални избори. До тогаш посакувам среќа да се победи во барем една општина“,
заклучува Костадинов.