„Последиците од овој чин се далекусежни – драстично и свесно е намален бројот на прикажаните Албанци во многу села, населени места и градови низ државата. Со тоа Албанците лично и поединечно губат многу права (гарантирани со Уставот) како вработувања, политичка застапеност и јазична еднаквост“, изјави денеска претставникот на ВЛЕН, Фатмир Сабриу, на прес-конференција пред Основното јавно обвинителство Скопје

Коалицијата на партии на Албанците ВЛЕН, која е дел од власта, денеска поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против раководството на Државниот завод за статистика и други одговорни и раководни лица во поранешната vлада предводена од СДСМ и ДУИ во врска со Пописот на населението во 2021 година.
Потегот на ВЛЕН денеска на прес-конфeренеција пред зградата каде што се наоѓаат просториите на ОЈО Скопје ги соопшти претставникот на коалицијата Фатмир Сабриу.
Тој наведе дека причина за пријавата е сериозниот сомнеж што го имаат во коалицијата дека резултатите од пописот биле фалсификувани, односно дека биле одредени со политичко договарање.
Поради ова, рече Сабриу, нивните сомневања се дека во случајот е извршено кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување од членот 353 од Кривичниот законик (КЗ).
„Последиците од овој чин се далекусежни – драстично и свесно е намален бројот на прикажаните Албанци во многу села, населени места и градови низ државата. Со тоа Албанците лично и поединечно губат многу права (гарантирани со Уставот) како вработувања, политичка застапеност и јазична еднаквост. Но и институциите се доведени во ситуација да одлучуваат за намена на средства и фондови по погрешни и намалени бројки, со што повторно се оштетени граѓаните во многу општини“,
рече Сабриу, порачувајќи дека бараат Основното јавно обвинителство да ги провери ваквите наводи.
Дополнително, како што рече тој, овие денови високи функционери на ДУИ јавно признале дека „пописот бил во рамки на договореното“, што уште повеќе, според него, го поткрепува сомнежот за политичка режија на целата операција.
„ВЛЕН ја презема оваа иницијатива во одбрана на законитоста, еднаквоста и реалната статистичка слика на државата. Очекуваме ОЈО итно да отвори предмет, да ги обезбеди сите материјални докази и да спроведе темелна истрага. Нема компромис кога се повредува достоинството и бројноста на нашата заедница. Борбата за вистината започнува сега – и ќе ја истуркаме до крај, во интерес на сите граѓани на Република Северна Македонија“,
рече тој.
Темата за вонреден електронски попис се отвори откако Уставниот суд на 25 јуни оцени дека категориите „резидентно“ и „нерезидентно“ населени од Методологијата за пописот од 2021 година не се во согласност со темелната вредност на македонскиот уставен поредок – владеењето на правото, кое е уредено со член 8 став 1 алинеја 3 и уставната обврска сите прописи да се усогласат со законите и Уставот, уредена со член 51 од Уставот, потоа членовите 6, 7 и 17 став 2 алинеја 1 од Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Северна Македонија во 2021 година.
При разгледувањето и одлучувањето по предметот уставните судии оцениле и дека директорот на Државниот завод за статистика ги пречекорил своите надлежности и со подзаконски акт извршил категоризирање на резидентно и нерезидентно население, за што нема законско овластување.

Следниот ден, одговарајќи на прашање на пратеникот Халил Снопче од Алијанса за Албанците на Арбен Таравари, дали со одлуката на Уставниот суд Владата ќе го намали и бројот на советници во општините, премиерот Христијан Мицкоски од собраниската говорница предложи следната година да се спроведе вонреден електронски попис на населението, но тоа го услови со прифаќање една изборна единица, и тоа, како што кажа, веднаш.
Еден ден потоа тој го образложи ваквиот негов предлог и наведе дека тој дошол бидејќи некој сакал пописот кој е статистичка операција да го злоупотребува во политички цели.
Одговарајќи на прашањето, премиерот рече и дека треба да се види дали има основа за кривична одговорност поради користењето на методологијата на пописот во 2021 година.
Дека ќе бараат кривична одговорност минатиот викенд најавија од ВЛЕН, од каде рекоа дека тогашната власт и институциите без никаква правна основа, ја измислиле категоријата „нерезиденти“ пречекорувајќи ги своите надлежности и намерно исклучувајќи ја дијаспората од официјалните податоци.
Од опозициската Демократска унија за интеграција, пак, реагираа дека власта се обидува да направи дигитален инженеринг со најавите за електронски попис идната година, а сето тоа со цел да „им се покаже местото на Албанците“.