Со дел од поднесените амандмани, СДСМ предлага 934 милиони денари за финансиска поддршка за семејствата на загинатите и повредените во Кочани, 60 милиони денари за реновирање на болницата во Кочани и 20 милиони за нова болничка опрема во кочанската болница, како и средства за апарати за магнетни резонанци, 20 дефибрилатори, 10 вентилатори, 50 кислородни боци, инсулински боци, за здравството и брзата помош
Пратеничката група на опозицискиот СДСМ најави дека поднесува 160 амандмани на ребалансот на Буџетот, оценувајќи дека предложениот ребаланс не нуди подобрување во економијата, туку претставува доказ за, како што велат од партијата, целосниот неуспех на економската политика на владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата оценуваат дека со ребалансот не се предвидени средства за соодветно покачување на платите на работниците, за поголеми плати во образованието, здравството, пари за поведените и семјствата на настраданите во пожарот во Кочани, ниту, пак, за заштита на стандардот на граѓаните. Оценката на СДСМ во оваа смисла е дека предложениот буџетски ребаланс е фискално нереален, социјално штетен и без развојна компонента.
„Власта крати пари од граѓаните за да има повеќе пари за луксузирање на функционерите. Со овој ребаланс власта ги намалува субвенциите и социјалните трансфери за 30 милиони евра, што е директен удар врз земјоделците, работниците, семејствата со ниски приходи, социјално загрозените. Истовремено се зголемуваат трошоците за стоките и услугите за Владата, значи за повеќе папаја, манго, приватни авиони и скапи авантури за функционерите“,
рече пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска, на денешната прес-конференција во Собранието.
Со дел од поднесените амандмани, СДСМ предлага 934 милиони денари за финансиска поддршка за семејствата на загинатите и повредените во Кочани, 60 милиони денари за реновирање на болницата во Кочани и 20 милиони за нова болничка опрема во кочанската болница, како и средства за апарати за магнетни резонанци, 20 дефибрилатори, 10 вентилатори, 50 кислородни боци, инсулински боци, за здравството и брзата помош.
Меѓу барањата во амандманите се и зголемување на студентските стипендии и поддршка за студенти од ранливи семејства, бесплатен превоз за ученици во руралните средини и зголемување на платите на наставниците во основното и средното образование за 10 отсто.
Опозиционерите понатаму бараат со ребалансот на Буџетот да се одвојат средства за колекторски систем во Дојран, Дом за стари лица во Штип, откупен центар за земјоделски производи во Охрид, Жичарница на Пелистер, поликлиника во Кисела Вода, градинка во Крњево, како и повеќе пари за реконструкција на училишта, градинки, патишта, канализации, водоводи низ различни општини во државата, како и за Сојузот на борци од НОБ.
Ова, како што рече Лукаревска, се реални предлози за кои има простор во Буџетот.
„Овие амандмани ги поднесовме затоа што не смееме да дозволиме со државни пари да се зголемува луксузот на функционерите, додека настраданите и обесправените се заборавени. Ги повикуваме сите пратеници во Собранието, без разлика на политичка припадност, да учествуваат во расправата, да ги разгледаат амандманите на СДСМ и да ги поддржат. Ова не е момент за партиска калкулација, туку за солидарност, одговорност и праведност“,
порача пратеничката Сања Лукаревска.