„Александар бара праведна судска одлука со која ќе бидат казнети сторителите и со која ќе ги дознае мотивите и вистинските причини за овој монструозен чин и одговор на прашањето, зошто токму тој и неговото семејство се одбрани да бидат до крајот на животот осудени да живеат со огромна празнина, тага и болка“, вели неговиот бранител
Туфегчиќ му предложи на судот да го ослободи од обвинение Александар Ѓорчевски бидејќи, како што рече, јавниот обвинител не докажал надвор од разумно сомнение дека обвинетиот го сторил кривичното дело што му се става на товар

Обвинението против Александар Ѓорчевски е во целост неосновано, неаргументирано, паушално и засновано на претпоставки кои не наоѓаат своја поткрепа во доказите на обвинителството. Одбраната докажа дека токму неосновано обвинетиот Александар како татко на детето Вања е жртва и оштетен во оваа постапка заедно со мајката Зорица и неговото семејство и докажа дека тој во критичниот период постапил на начин на кој би постапил секој родител во ситуација кога се трага и бара неговото исчезнато дете, рече денеска во завршните зборови бранителот на таткото на Вања, адвокатот Владимир Туфегчиќ, и побара Судот да го ослободи од обвинение.
Според одбраната, клучната теза и теорија на случај на застапникот на обвинението не е докажана, а тоа е мотивот, да се дадат парични средства на обвинетите за откуп на детето ниту, пак, е изведен доказ во насока на дејствија на таткото за давање откуп или со кои се докажува негова комуникација и поврзаност со Љупчо Палевски.
„Александар бара праведна судска одлука со која ќе бидат казнети сторителите и со која ќе ги дознае мотивите и вистинските причини за овој монструозен чин и одговор на прашањето, зошто токму тој и неговото семејство се одбрани да бидат до крајот на животот осудени да живеат со огромна празнина, тага и болка“,
изјави Туфегчиќ.
Пристапот на обвинителството, според Туфегчиќ, е недозволен и опасен преседан кој значи обвинување за претпоставена, а не докажана вина, тврдење кое е потполно неосновано и паушално од причина што телефоните кои ги користел таткото се криминалистички вештачени и нема доказ за комуникација или избришани записи по претходна комуникација со телефонските броеви кои ги користел Палевски, а кои ги посочува застапникот на обвинението.
Обвинителството, според него, во текот на постапката се обидело со провокативни и навредливи прашања да ја дискредитира личноста на таткото за да докаже дека Александар имал мотив да учествува во грабнувањето на сопственото дете бидејќи според тезата на обвинителството бил неработник, наркозависник, кој има хронични долгови, накратко една целосно недостојна личност да биде татко, но фактите и аргументите за неговата личност кои беа изнесени во текот на постапката од неговата поранешна сопруга Зорица и другите сведоци го говорат токму спротивното.
„Високиот степен на сомнеж кон таткото како клучен фактор тој да биде обвинет бил поради тоа што единствено тој тврдел дека детето е киднапирано. Одбраната со материјални докази докажа дека ваквата теза е потполно погрешна и неточна“,
рече Туфегчиќ.
Исказот на сведокот Зорица Ѓорчевска, Туфегчиќ рече дека во целост кореспондира со исказот на Александар Ѓорчевски и „од темел ја дискредитира тезата на обвинителството дека помеѓу нив имало недоразбирања и несогласувања“.
Во однос на тоа дека застапникот на обвинението во текот на постапката се обиде да ја докаже инволвираноста на Александар со тоа што тој сам со возилото тргнал да ја бара Вања на неколку локации, адвокатот рече дека исказот на Зорица Ѓорчевска се потврди дека Александар ниту нешто сокрил ниту се обидел нешто да премолчи пред Зорица, напротив, самиот ѝ
кажал на Зорица дека бил со возилото да ја бара Вања кон Сарај, Арачиново, дека тргнал кон Блаце.
„Со ова се докажува дека Александар немал никаква намера ништо да сокрие или прикрие, напротив за се ја информирал Зорица. Се докажа дека токму состојбата на паника, страв, избезуменост, вознемиреност и внатрешното растројство поради исчезнувањето на детето кај Александар била злоупотребена на начин што дејствијата кои во таква стресна состојба самиот ги презел откако одлучил самиот да води истрага во обид по секоја цена да го пронајде сопственото дете, биле потполно погрешно протолкувани и истото довело до потполно погрешен заклучок за неговата евентуална поврзаност или било каква инволвираност во овој кривично правен настан. Потврда за погоренаведеното е исказот на сведокот Музафер Каришиќ кој изјави дека субјективно чувство било на неговите колеги во тој момент, дека таткото бил конфузен и чуден“,
изјави Туфегчиќ.
Родителите на детето и нивното семејство, според Туфегчичќ, го презеле токму она што би го презел секој друг родител во ваква ситуација и сосема природно се сомневале дека детето е грабнато особено што, како што и самите родители изјавија, многу добро си ги познавале децата, секогаш биле достапни, секогаш им се јавувале и точно знаеле каде и со кого се движат, никаде не оделе сами без да се јават на едниот или другиот родител и преку мобилните телефони имале ГПС-следење на движењето со родителите.
Одбраната, исто така, посочи дека до јавен обвинител е доставено известување за вршење тортура спрема Александар на ден 18.1.2024 година со барање за доставување два лекарски извештаи од судија на претходна постапка од 16.2.2025 година за нанесените повреди при вршењето тортура, како и докази од извештајот од Хелсиншкиот комитет за човековите права кои ја спровеле постапката со дозвола на судија на претходна постапка во фаза на истрага.
Застапникот на обвинението, нагласи Туфегчиќ, постапил спротивно на законот иако бил должен ваквото известување да го препрати до надлежното Јавното обвинителството за ГОКК- одделение за постапување спрема полициските службеници заради понатамошно постапување, но тоа не е направено.
Во оваа смисла, како што дополни тој, по однос на обвинетиот Александар се докажало дека ваквото обвинение е резултат на прекршување на основните принципи на кои почива истражната постапка и криминалистичка истрага, во која не е направена прелиминарна анализа на информациите ниту е направена нивна организација и диференцијација ниту била формирана основа на структурата за одлучување.
Конечно, како што образложи, според динамиката на настаните и доказите, таткото на детето воопшто не им бил потребен на обвинетите за да им даде упатства за времето кога детето ќе излезе од домот за да оди на училиште бидејќи, според доказите, кај обвинетите претходно веќе бил создаден план за грабнување, а подоцна и за егзекуција на личноста. Тие, рече Туфегџиќ, имале сознанија за станарите во зградата, ги презеле сите мерки и активности за реализација на планот, имале јасна поделба на трудот во рамките на заедничко дејствување заради извршување на криминалниот чин, еден месец пред грабнувањето донеле одлука да го извршат, ја следеле и фотографирале жртвата од 10-ина дена до две недели пред да го извршат грабнувањето, а утврдено е дека имале два неуспешни обиди за грабнување, на 23 ноември утрото и на 24 ноември утрото.
„Врз основа на сето горенаведено, му предлагам на судот да го ослободи од обвинение обвинетиот Александар Ѓорчевски бидејќи јавниот обвинител не докажа надвор од разумно сомнение дека обвинетиот го сторил кривичното дело кое му се става на товар“,
заклучи Туфегџиќ.
Претходно денеска одбраната на обвинетите Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев, исто така, побара ослободителни пресуди.
Завршен збор треба да даде и одбраната на обвинетиот Љупчо Палевски.
На изминатото рочиште Основното јавно обвинителство во завршните зборови побара максимална казна доживотен затвор за четворицата обвинети Палевски, Кешишев, Видевски и Манев, додека, за таткото на Вања, обвинетиот Александар Ѓорчевски, побара судот да му ја одреди соодветната затворска казна.
Во обвинението стои дека Палевски, Видевски, Манев, Кешишов и Ѓорчевски заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде неговото возило „ситроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Обвинетите на почетокот од судењето изјавија дека не се чувствуваат виновни, а првообвинетиот Палевски низ процесот тврдеше дека ова е политички монтиран процес.
Малолетната Вања и велешанецот Панче беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.