Сите обвинети се товарат за кривичното дело тешки дела против општата сигурност, со исклучок на еден, кој е обвинет за примање мито за изготвување на лажните лиценци за да може објектот да функционира како кабаре-клуб
Неполни три месеци од пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, Јавното обвинителство денеска соопшти дека поднесено обвинение против 34 физички и три правни лица за трагедијата во која загинаа 62 лица, а речиси 200 беа повредени.

За епилогот од истрагата и поднесувањето на обвинението до Основниот суд Кочани денеска на прес-конференција, придржуван од обвинителскиот тим кој работеше на случајот, информира државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, кој рече дека Јавното обвинителство во законски предвидениот рок ја завршил работата.
„Јавното обвинителство во законски предвидениот рок постапуваше внимателно и го анализираше целиот прибран доказен материјал и денеска до Основниот суд во Кочани се поднесува обвинителен акт против 34 физички и три правни лица за кривични дела со кои предизвикале значителна опасност по животот и телото на луѓето. Обвинетите делото го сториле со свесно непостапување според прописите и техничките правила за заштита, а дел од нив и директно со опасно средство со кое бил предизвикан пожарот“,
рече Коцевски.
Сите обвинети се товарат за кривичното дело тешки дела против општата сигурност, со исклучок на еден, кој е обвинет за примање мито за изготвување на лажните лиценци за да може објектот да функционира како кабаре-клуб.
За обвинетите Коцевски информира посочувајќи ги по групи, а не посебно за секој одделно бидејќи, како што кажа, обвинението сè уште не е во правна сила.
Иако првично бројот на осомничени во истрагата беше поголем и изнесуваше околу 50 лица, за дел од нив постапките се прекинати бидејќи во текот на истрагата не се обезбедени докази за нив.
Меѓу лицата за кои се прекинува постапката се и двајца поранешни министри за економија. Коцевски не сакаше да открие за кои ексминистри станува збор, па дури ни периодот кога ја извршувале функцијата, поради фазата во која е постапката.
Првообвинети се тројцата одговорни лица и сопственици на фирмата „Класик ДМ ДОО Кочани“ чија подружница бил т.н. кабаре „Пулс“, односно фирмата „МММ Кафе ДООЕЛ Кочани“ со подружница на правното лице кабаре „Пулс“ Кочани.
Тие се обвинети дека во период од 13 декември 2012 до 16 март 2025 година вршеле угостителска дејност без да ги исполнат законските услови за реконструкција на објектот и негова премена за оваа дејност.
„За објектот немало проект за реконструкција со соодветни архитектонски градежни елементи, статика и сеизмика, потоа техничко-сообраќајни и елаборати согласно намената на градбата, како и посебен елаборат за заштита од пожари и експлозии. Првообвинетиот во временскиот период од 2012 до 2024 година во повеќе наврати извршил реконструкција со промена на објектот, со што неконтролирано и без стручен надзор вградувал несоодветни материјали кои носат опасности од лесно ширење на пожар и со што не биле исполнети минималните услови за вршење на угостителска дејност“,
кажа државниот јавен обвинител.

Во реконструкцијата на објектот помагал и сопственикот на објектот во кој функционирало т.н. кабаре, со кого неделава беше проширена истрагата.
Обвинети за трагедијата се и тројцата ексградоначалници на Кочани, четворица директори на Дирекцијата за заштита и спасување, пет државни службеници, еден генерален секретар и двајца министри за економија, службеници на државниот пазарен инспекторат, како и членови на обезбедувањето на клубот, од кои еден, како што беше кажано, немал ниту лиценца за вршење на дејноста.
Сите тие со непреземање на своите службени должности, како што кажа Коцевски, придонеле во Кочани да функционира објект како кабаре-клуб без да ги исполнува минималните услови за таа намена.
Инспекторите не вршеле никакви инспекциски контроли, градоначалници не барале да се преземат никакви мерки, а од фирмите собирале надомест за вршење на угостителска дејност, а во Министерството за економија се издавале лажни лиценци за одреден паричен износ.
„Како поединечни случаи во истрагата се обезбедија докази за еден државен службеник кој постојано ги изготвувал лиценците за ‘Пулс’ и кој директно побарал и примил подарок за себе и за други за да изврши службено дејствие што не смеел да го изврши. Во 2019 година првообвинетиот побарал и добил 12 000 денари парична награда, кои му биле исплатени на неговата банкарска сметка во 2024 година, а пак за поголема имотна корист од 226 000 денари на првообвинетиот му изработиле две фалсификувани лиценци кои ги заверил со службениот печат на Министерството за економија, а на кои своерачно се потпишал како да се потпишала обвинетата државна секретарка“,
рече Коцевски.

Во врска со осомничените кои не се најдоа меѓу обвинетите, Коцевски рече дека тоа е затоа што во досегашната истрага не биле обезбедени докази, но не исклучи можност дека ако се дојде до некакви сознанија во иднина, постапката да биде проширена и со нив, но и со други засега непознати лица. Во таа насока рече дека во Обвинителството постојано пристигаат пријави кои допрва треба да се проверат.
„Да се заблагодарам на обвинителскиот тим кој макотрпно работеше и по 20 часа дневно. Секако, тука е Министерството за внатрешни работи, како и вештаците кои изработија многу квалитетни вештачења за многу краток период – вештаците од судска медицина, вештачењето од Градежниот факултет потпишано до 7 професори вештачењето од институтот за хемија, од форензика на МВР… со што можам да кажам дека во конкретниот случај Јавното обвинителство досега постапи во законски рок и со натчовечки напори успеа да подигне обвинение“,
рече државниот јавен обвинител Коцевски.