Обвинети се 34 лица и три фирми, на кои им е заедничко што се обвинети за исто кривично дело, иако некои лица ќе се товарат по различен член и за дополнително дело. Тоа што ги поврзува обвинетите, според обвинителството, е што сите имаат „особен придонес“ во крајната последица – пожарот кој одзеде 62 човечки животи
За 11 лица постапката е запрена, додека за уште две таа е прекината. Донесена е одлука да се води еден предмет, што значи дека ќе се води едно судење
Основното јавно обвинителство до судот во Кочани денеска поднесе обвинени со кое се опфатени 34 физички и три правни лица за кривични дела со чие сторување дошло до пожарот во кочанското т.н. кабаре „Пулс“ што се случи на 16 март годинава, трагедија во која загинаа вкупно 62 лица, а 211 беа повредени.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски заедно со десетчлен обвинителски тим во детали го презентираше обвинението за кое кажа дека само диспозитивот е на 40 страници. Коцевски рече дека има силни докази со кои ќе се докажува вината за трагедијата на секој од обвинетите кои сториле кривични дејствија или имале друг особен придонес.
Постапката запира за 11 лица што биле опфатени со истрагата, а за уште двајца е прекината (од кои еден е починат, а вториот е во лоша здравствена состојба).
„Обвинетите делото го сториле со свесно непостапување според прописите и техничките правила за заштита, а дел од нив и со директно општоопасно средство и дејствие со кое бил предизвикан пожарот“,
рече Коцевски.

Првоосомничени се татко и син
Обвинителот Коцевски рече дека тројца од обвинетите, во својство на одговорни лица, сопственици и управители на т.н. кабаре „Пулс“, од 2012 година до настанувањето на пожарот вршеле угостителска дејност иако објектот не ги исполнувал минимално-техничките услови за тоа. Тој не бил предвиден за намената за која бил користен, а немало ни основен проект за реконструкција со пренамена со соодветни архитектонски, градежни и други елаборати.
„Првообвинетиот во временскиот период во 2012 година и 2024 година во повеќе наврати преземал градежни дејствија со кои извршил реконструкција со пренамена на објектот при што неконтролирано и без стручен надзор вградувал несоодветни материјали, синтетички полимерни материјали и полиуретански сунгер кои носат ризик од лесно започнување и брзо ширење пожар“,
потенцираше државниот јавен обвинител.
Обвинет е и братот на првообвинетиот, одговорен за продажба на влезници, бидејќи не постапувал според прописите, не водел сметка и продавал поголем број влезници од дозволеното, а дозволувал да влегуваат и лица помлади од 18 години.

Обвинета е и сопственичка на правно лице од Кочани преку кое во 2012 година, на барање на првообвинетиот, бил изготвен проект за пренамена на објектот во кој не биле содржани елаборати што морал да ги содржи основниот проект.
Обвинети се и тројца овластени градежни инспектори на Општина Кочани кои со непостапување според прописите, воопшто не покренале и воделе постапка за инспекциски надзор и не донеле решение за враќање на објектот во првобитната состојба. Како што рече Коцевски, тие биле свесни дека поради нивното непостапување може да настане штетна последица и со тоа овозможиле „Пулс“ незаконски да продолжи да функционира.
Со обвинението се опфатени и тројца градоначалници на Кочани кои на функција биле во периодот од 2012 година. За нив обвинителот рече дека знаеле дека „Пулс“ претставува опасност за вршење угостителска дејност, а Деталниот урбанистички план за Општина Кочани не дозволувал на таа локација да има таков угостителски објект. Тие со своето непостапување му овозможиле на првообвинетиот и правното лице незаконски да вршат угостителска дејност.
„Во услови кога сопственикот на објектот никогаш не поднел барање за реконструкција со пренамена, градоначалниците не наредиле надзор на овластените градежни инспектори во рамки на инспекциската служба во состав на Општина Кочани, спротивно на законот за инспекциски надзор, не донеле годишна програма и не подготвиле месечни планови за работа на овластени градежни инспектори за вршење инспекциски надзор над наведениот објект засновани на проценката на ризик, со оглед дека објектот е место каде што се собираат поголем број посетители и постоела опасност по нивните животи и здравје. За постоењето и работењето на овој клуб ‘Пулс’ никогаш не ги известиле Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), МВР, Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), како и Министерството за економија дека објектот работи без да ги исполнува законските услови за таа намена“,
вели Коцевски.

Коцевски рече дека во однос на обезбедувањето на „Пулс“, обвинение е поднесено против управител на агенција за обезбедување од Скопје и четири лица, припадници на обезбедувањето, од кои еден воопшто не поседувал лиценца за да врши физичко обезбедување. Според Обвинителството, критичната ноќ припадниците на обезбедувањето овозможиле влез на малолетни лица во објектот и не го спречиле внесот и користењето на пиротехника од членови на групата ДНК.
„Сите тие не постапиле согласно законот за приватно обезбедување и не презеле мерки и активности за спречување и откривање на штетни појави и противправни дејствија кои го загрозуваат телесниот интегритет и имотот што се обезбедува. Клубот ‘Пулс’ го обезбедувале без писмен договор, без претходна безбедносна проценка и проверка на сигурносните услови на објектот, можност за евакуација во случај на опасност, проверка на влезови и излези и нивна исправност, како и преполнетост на капацитетот на посетители на објектот“,
рече Коцевски.
Државен пазарен инспекторат
Според Коцевски, со обвинението се опфатени и четворица директори на Дирекцијата за заштита и спасување, како и едно службено лице, генерален инспектор. Тие од 2012 година, заеднички и со, како што рече обвинителот, особен придонес во извршување на делото, иако биле свесни дека поради нивното несторување може да настапи штетна последица, не презеле мерки за заштита од пожари и не организирале надзор над спроведување на мерките од законот за заштита и спасување. Директорите за цело време не поставиле инспектор за заштита и спасување на Општина Кочани.
„Обвинетиот раководител на инспекциската служба, според член 31 од законот за инспекциски надзор, не ја координирал и организирал работата на инспекциската служба за да обезбеди ефикасна примена на прописите што се однесуваат на инспекцискиот надзор за заштита и спасување при изготвување на годишните планови за работа на инспекциската служба така што до 2020 година во годишните планови воопшто не предвидел спроведување инспекциски надзор над објекти во Општина Кочани. Од 2021 година постапувал спротивно на методологијата за проценка на ризик при планирање на инспекциски надзор од областа на заштита и спасување и иако знаел дека на подрачјето на Општина Кочани има објекти што вршат угостителска дејност, дискотеки и кабареа, никогаш не бил испланиран и спроведен инспекциски надзор, а такви мерки не биле преземени и во однос на дискотеки и кабареа низ целата држава“,
вели Коцевски.
Коцевски појасни дека во однос на Државниот пазарен инспекторат има поинакво ниво на одговорност и таа е на инспекторите надлежни за контрола за кои рече дека постапуваат независно. Затоа со обвинението се опфатени четири службени лица, инспектори во одделението за инспекциски надзор во Штип, кои не постапиле според законите и прописите.

Поткуп
Обвинети се пет државни службеници, еден државен секретар и двајца министри во Министерството за економија кои не постапиле според законските прописи и технички правилата. Тие во континуитет издавале лиценци за вршење дејност на т.н. кабаре „Пулс“ иако објектот не ги исполнувал минимално-техничките услови.
„Во состојба на нецелосна документација за издавање лиценца воопшто не постапиле согласно член 24 став 1 од правилникот за внатешна организација и работа на Министерството за економија и не иницирале вршење на вонреден инспекциски надзор во ДПИ за проверка на минимално-техничките услови. Во обвинението детално се наведени пропустите кај секоја од лиценците поединечно“,
рече државниот јавен обвинител.
Тој додаде и дека за двајца поранешни министри за економија, постапката е запрена бидејќи немало доволно докази за покренување обвинение.
Но, при истрагата биле обезбедени докази за еден државен службеник кој постојано ги изготвувал лиценците, а за тоа примал поткуп.
„Тој директно побарал и примил подарок за себе и за други за да изврши службено дејствие што не би смеел да го изврши. Во 2019 година обвинетиот побарал и добил 12 илјади денари парична награда што му биле исплатени на неговата банкарска сметка. Во 2014 година, пак, за поголема имотна корист од 226 илјади денари, на првообвинетиот му изработил две фалсификувани лиценци кои ги заверил со службениот печат на Министерството за економија, а на кои своерачно се потпишал како да се потпишала обвинетата државна секретарка“,
вели Коцевски.
Големо судење
На крајот на своето излагање, Коцевски се наврати на критичната вечер и објасни дека настапот на групата ДНК бил со усен, а не со писмен договор, со употреба на пиротехнички средства, биле пропуштени поголем број посетители, меѓу кои и деца, а откако настанал пожарот, посетителите панично почнале да бегаат преку единствениот излез.
„Излезот не бил безбеден затоа што при патот за евакуација во правец на напуштање на објектот од внатре кон надвор имало двокрилна, двонасочна врата која претставувала пречка за движењето. Самата надворешна врата немала евакуациона намена со ситем за кочење во отворена положба и хоризонтален ракохват со пропишани димензии заради што дополнително била отежната евакуацијата“,
објасни Коцевски.
Тој ги објасни и кривичните дела што им се ставаат на товар на обвинетите.
„На сите обвинети им се ставаат на товар кривичните дела – тешки дела против општата сигурност од член 292 став 2 во врска со член 288 став 3 и во врска со став 2 од Кривичниот законик. Дополнително, двајцата првообвинети татко и син, се товарат и за тешки дела против општата сигурност од член 292 став 2 во врска со член 288 став 3 во врска со став 1. Само поранешната државна секретарка во Министерството за економија е обвинета за тешки дела против општата сигурност од член 294 во врска со член 288 став 4 во врска со став 3 во врска со став 2 од Кривичниот законик. Обвинетиот државен службеник од Министерството за економија кај кого беа откриени и дејствија на поткуп, ќе одговара за едно кривично дело – примање поткуп по член 357 став 1. Исто така и кривично дело уште едно примање поткуп по член 357 став 4 во врска со став 1 и едно кривично дело – фалсификување службена исправа од член 361 став 1 од Кривичниот законик. За обвинетите правни лица исто така е поднесено обвинение за истото кривично дело како и за физичките лица“,
рече Коцевски.
Коцевски рече дека на почетокот претпоставувале дека е можно да има и 50 обвинети, па постапката да се подели, но сепак решиле да се оформи еден обемен предмет бидејќи и досега имало примери со случаи во кои имало и над 30 обвинети. Но сепак ја остави отворена можноста, ако е потребно, постапката да се подели.
Коцевски им се заблагодари на сите што работеле на оформувањето на обвинението и рече дека, иако се работело за комплициран случај со обемен материјал, успеале да го завршат во предвидениот рок, на помалку од три месеци по настанот.

Пиротехника
Според зборовите на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, пиротехничките средства ноќта на 16 март биле употребени во целосно небезбедни услови, исфрлале искри кон плафонот над сцената и поради тоа настанал пожарот во „Пулс“.
„Јавните обвинители го утврдија потеклото, начинот на внес, поставувањето и активирањето на три пиросценски уреди, пиротехнички фонтани на три базни уреди со телескопска антена, кои се активирале истовремено. Експлозивната материја била набавена без одобрение за набавка предвидено во член 15 став 2 од законот за примена на експлозивни материи и спротивно на член 36 став 2 и член 40 од законот за заштита од експлозивни материи и за употреба на пиротехника. Покрај дел од членовите и придружбата на групата ДНК, од кои еден дел се починати, а за еден дел постапката е прекината поради сè уште лошата здравствена состојба, одговорност е лоцирана и кај првообвинетиот сопственик, неговиот син-управител на фирмата и кај четворица членови на обезбедувањето на клубот“,
вели Коцевски.
На новинарско прашање дали Обвинителството има докази дека групата ДНК е таа што ја внела пиротехниката во објектот и дали е истражено кој ја продал, државниот јавен обвинител одговори дека Обвинителството е сигурно во доказите.
„Кој, што, како, на кој начин ја внел и набавил пиротехниката. Тоа го спомнав и во моето излагање. Ова е дел од обвинението кое содржи 40 страници и точно е определен начинот, каде и како, да не се повторувам“,
одговори тој.
На дополнително прашање на „360 степени“ дали со обвинението се опфатени и оние што ја продале пиротехничката опрема, Коцевски не одговори директно, туку посочи дека веќе се соопштени тие против кои е покренато обвинение. „Доколку има нови докази, ќе има истрага и против нив“, кратко одговори тој. Прашан зошто со обвинението се опфатени лица кои не постапувале дури пред 12 години, а не се опфатени оние кои со своето непостапување дозволиле нелегална продажба на пиротехника, Коцевски рече дека е постапено по сè што произлегува од доказите.