Владејачкото мнозинство и опозициската СДСМ со измените предлагаат бројот на потребни потписи што треба да ги соберат независните кандидати да се движи скалесто во зависност од бројот на запишани избирачи на ниво на општина
Според граѓанската иницијатива, предложените измени се во колизија со одлуката на Уставниот суд да ги укине претходните противуставни одредби од 1 отсто, бидејќи новите прагови за потписи, како што велат, се дури и повисоки од 1 процент за голем број општини каде што се наоѓаат најголемиот број од избирачите
Пратеничките состави се менуваат, но тенденцијата да ги подметнуваат истите валкани сопки останува. Ова се вели во дел од реакцијата на граѓанската иницијатива и советничка група во Град Скопје, „Шанса за Центар“, на предлог-законот за измена и дополнување на Изборниот законик што вчера на предлог на владејачката коалиција ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН, но и на опозициската СДСМ, се најдоа на дневен ред 53. седница на Собранието по скратена постапка.

Со предложеното решение повторно се враќа процентуалното собирање потписи за локалните избори за независните кандидати, откако претходно неодамна Уставниот суд ги укина членовите 17 и 18 од Изборниот законик, со кои беше кренат прагот на потребни потписи за независните кандидати и листи на 1 процент од вкупно запишаните избирачи во изборната единица.
Владејачкото мнозинство и опозициската СДСМ со измените предлагаат бројот на потребни потписи што треба да ги соберат независните кандидати да се движи скалесто во зависност од бројот на запишани избирачи на ниво на општина.
Така, бројката на потписи се движи од 100 до 100, а за Град Скопје останува прагот од високи 3 500 потписи.
„Со овој начин се дава фер шанса во зависност од големината на општината да се соберат одреден број потписи кој што се потребни, и тоа во општини коишто се до 10 000 избирачи најмалку 100 потписи од запишаните избирачи, во општини до 20 000 избирачи, 200 потписи, во општини до 30 000 избирачи – 300 потписи и сè така скалесто до општини со 90 000 избирачи каде се потребни 1 000 потписи. За Град Скопје потребно е 3 500 потписи“,
рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, образлагајќи ги предлог-измените на Изборниот законик, кои се поднесени по скратена постапка.
Од „Шанса за Центар“ ваквите измени ги оценуваат како акт на страв на партиите од гласот што не го контролираат, но обидот, како што додаваат, нема да им помине.
„Денес на дневен ред на 53. седница на Собранието, ВМРО, СДСМ, ЗНАМ и ВЛЕН здружено поставија предлог-закон за измена и дополнување на Изборниот законик, повторно по скратена постапка, со кој ѝ плукаат во лице на уставноста и со кој дрско ја погазуваат одлуката што ја донесе Уставниот суд за укинување на претходните противуставни измени на Изборниот законик што Собранието ги донесе во март 2024 г. Пратеничките состави се менуваат, но тенденцијата да ги подметнуваат истите валкани сопки останува. Не затоа што независните не се доволно добри, туку затоа што се доволно опасни – по нивниот монопол. Ова не е Изборен закон. Ова е акт на страв! Страв од гласот што не го контролираат, ама нема да им помине“,
се вели во објавата на „Шанса за Центар“ на Фејсбук.
Според граѓанската иницијатива, предложените измени се во колизија со одлуката на Уставниот суд да ги укине претходните противуставни одредби од 1 отсто, бидејќи новите прагови за потписи, како што велат, се дури и повисоки од 1 процент за голем број општини каде што се наоѓаат најголем број од избирачите.
„Уставниот суд наведе дека зголемувањето на потребниот број на потписи за предлагање на независни кандидати претставува вмешување во остварувањето на избирачкото право на граѓаните што е гарантирано со член 22 од Уставот бидејќи со оспорената измена се отежнати или оневозможени условите под кои граѓаните ќе можат да избираат независни кандидати. Претходните одредби беа применувани безмалку две децении и се поставува прашањето зошто пратениците во 2024 г. се одлучија да ги изменат по 18 години нивна примена во практиката без доволно аргументирано објективно образложение. Истото се случува и со сегашните предлози“,
велат од иницијативата.
Дополнително, како што се наведуваат оттаму, измените на изборниот закони не се во функција на поттикнување, туку во функција на ограничување на плурализмот на политичките ставови и мислења, што е прекршување на уставно загарантираното право на кандидирање за јавна функција што го има секој граѓанин на Македонија уредено во член 23 од Уставот.
„Ова право воедно е и една од темелните вредности на македонскиот уставен поредок. Предложените измени не создаваат услови за плуралистичка политичка клима, фер изборен натпревар и средина во која ќе се промовира учество не само на политичките партии, туку и на другите групи и поединци во политичкиот и јавниот живот, во која и граѓаните како поединци ќе можат слободно, како независни кандидати да ги изнесуваат своите ставови и мислења кои најчесто се различни и спротивни од оние на политичките партии и партиските кандидати“,
велат од „Шанса за Центар“.
Оттаму најавуваат дека ќе поднесат амандмани на предложените измени на партиите, а во согласност со мислењето на Уставниот суд и Уставот.
„Недозволиво е флагрантно непочитување и газење на одлуката на Уставниот суд, која јасно вели — не смее да има зголемување на потребниот број на потписи за предлагање независни кандидати. Со предложените измени, партиите здружено и ефективно си ја штитат злоупотребата на политичката моќ и вештачки ја одржуваат својата застапеност во законодавниот орган извитоперувајќи ги правилата на политичкиот натпревар во сопствена корист, а на штета на другите политички групи и непартиски кандидати. Наместо да се борат за доверба, партиите во Македонија се борат против независните кандидати — на терен што го подготвуваат тие самите, со удари кои не се само под појас, туку и од зад грб“,
велат од „Шанса за Центар“.
Од иницијавата за денеска во 15.30 часот најавија прес-конференција пред службениот влез на Собранието на Република Северна Македонија на која ќе го изнесат нивниот став и ќе ја информираат јавноста за предложените измени на Изборниот законик.