Државната комисија за спречување корупција ќе го испитува случајот со Драги Рашковски и неговата инволвираност во тендерот на италијанската фирма „Леонардо“. Откако во јавноста имаше лавина реакции за објавената аудио-снимка во која Рашковски разговара за набавка на радарска опрема, од Антикорупциска информираат дека побареле писмено образложение од Владата за случајот.
„Доставено е барање до Владата со кое бараме писмено да не извести во кое својство бил вклучен генералниот секретар Драги Рашковски во целата процедура“,
соопштија денеска од Антикорупциска на брифинг со новинарите.
Освен до Владата, Антикорупциска доставила барање и до М-НАВ, за да ја добие целата тендерска документација, преку која ќе утврдуваат дали се направени некакви прекршоци. Од Комисијата потенцираа дека најголемото прашање е зошто потпишувањето на договорот се одолговлекувало цели две години.
Рашкоски во вторникот пред новинарите се правдаше дека немало ништо незаконско во неговите постапки, иако од медиумите во најголем дел беше прашуван дали ќе даде оставка, поради навредите кои ги кажува во објавената аудио снимка. Иако се извини „до небо“, Рашковски истакна дека нема да да го направи тоа. Во негова одбрана застана и претседателот на Владата Зоран Заев, кој рече дека немало ништо спорно во целата процедура.