„Се работи за рушење на целиот правен систем во државата и на основните принципи врз кои се гради оваа држава. Главниот принцип во Уставот е владеење на правото. Овде, во овој случај, според мене, може некој ќе ме демантира, владеењето на правото е донесено до најнизок степен“, вели Елизабета Дуковска чиј избор за уставен судија неодамна го поништи Управниот суд

Судијката Елизабета Дуковска, чиј избор за уставен судија неодамна беше поништен од Управниот суд, во емисијата „360 степени“ на МРТ 1 рече дека на 5 јуни годинава веќе е вратена на старото работно место како апелациски судија. Претходно добила известување од претседателот на Уставниот суд дека е одјавена во Агенцијата за вработување.
Таа смета дека претседателот на Уставниот суд немал никаква надлежност да постапи на овој начин и да ја одјави.
„Тоа е како да одјавувате сезонска работничка која е вработена преку агенција за привремени вработувања, па заврши потребата од берење плодови по нивите и сега те одјавувам. Јас така мислам, така се чувствувам“,
рече Дуковска.
Таа вели дека на секоја пресуда, која станува извршен наслов, треба да стои печат на правосилност и на извршност.
Дуковска: Во пресудата никаде како странка не се спомнува Уставниот суд и задолжение за Уставниот суд, односно за претседателот на Уставниот суд, да не се разбереме погрешно, бидејќи тука не се опфатени судиите на Уставниот суд, кои очигледно немаат донесено одлука за мое разрешување. Во пресудата нема ниту едно задолжение кој јавен орган, бидејќи предмет на извршување, да се разбереме, е изреката на пресудата, не е образложението, значи во изреката на пресудата не е содржано, освен тоа што се поништува, кој јавен орган што треба да направи, односно во законот пишува наредба треба да содржи и во кој рок.“
360°: Тоа нели се подразбира?
Дуковска: Еве, вие да треба да платите долг некому. Вели – се усвојува тужбеното барање на Елизабета Дуковска. Како ќе се наплати тој долг од вас ако не пишува – се задолжува г. Васко Попетревски да ѝ плати на Елизабета Дуковска 500 денари, во тој и тој рок.
Дуковска одговори потврдно на прашањето дали нејзиното толкување е дека претседателот на Уставниот суд ги пречекорил своите надлежности.
„Да. Овде не се работи за мојот случај. Се работи за основните принципи на Уставот. Владеење на правото. Не се работи во конкретниот случај и не излегов во оваа емисија за да кажам дека јас, ете, сум греота, ме одјавиле. Јас не сум греота. И да не сум апелациски судија, јас си имам фамилија што ме сака и ја сакам. Тоа ми е мене доволно. Сакам да кажам дека овде се работи за рушење на целиот правен систем во државата, со вакви постапувања, не знам од каде произлегуваат овие постапувања, и на основните принципи врз кои се гради оваа држава. Основните принципи, главниот принцип во Уставот е владеење на правото. Овде, во овој случај, според мене, може некој ќе ме демантира, владеењето на правото е донесено до најнизок степен“,
додаде таа.
Инаку, со пресуда на Управниот суд беше поништен изборот на Елизабета Дуковска за судија на Уставниот суд. Таа на оваа позиција беше повеќе од две години. Управниот суд својата одлука ја темели на констатацијата дека постапката пред Судскиот совет за утврдување предлог за избор на судија на Уставниот суд во февруари 2023 година е спроведена неправилно и незаконито.