Судот утврди дека постапката за јавна набавка била спроведена без прекршување на законските процедури, а не постојат докази дека Мерко дејствувал со намера да добие лична или политичка корист
Градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, доби ослободителна пресуда за предметот што се водеше против него за злоупотреба на службената положба при набавката на службен автомобил „ауди“ во вредност од 67 000 евра.
Според обвинителниот акт, автомобилот го набавил во услови кога општината се наоѓала во долгови и со блокирана сметка, а обврските и се сервисирале преку релоцирање средства од централниот буџет на државата.

Судот утврди дека постапката за јавна набавка била спроведена без прекршување на законските процедури, а не постојат докази дека Мерко дејствувал со намера да добие лична или политичка корист.
Согласно приложените докази за јавната набавка на возилото, според судијата од Основниот суд во Струга, Јордан Јованов, не било утврдено дека е постапено спротивно на која било одредба од Законот за јавни набавки.
„Уште во текстот на обвинението стои дека дозволениот лимит за набавката на возилата бил 7 милиони, и набавката е во рамки на тој лимит. Целокупната документација е уредна, затоа што еднаш се водела една постапка, која завршила со само една понуда задоцнета и таа е поништена. Во втората се пријавиле двајца понудувачи, имаат комплетни документи и проценка на вредноста на возилата и сите процедури коишто се во рамката им е запазена. Избран е оној што дал помала понуда, значи најповолниот понудувач, во согласност со правилата на Законот за јавните набавки“,
вели судијата Јованов.
Релевантен доказ во постапката, за Судот, според Јованов, бил извештајот на Државниот завод за ревизија, кој бил повикан во 2019 година да провери што се случувало во 2018 година.
„Сите ставки се претресени, дошле ревизорите, а дел ги слушнавме. Во писмениот извештај се ставени повеќе работи на кои имаат забелешки, но не и за конкретниот случај. Немаме потврда од овластен орган дека е постапено нешто спротивно на целата документација и процедурата за јавни набавки и со тоа е оштетен буџетот. Дали е прибавена корист лично за сторителот, со оглед дека се работи за возило за потреби на Општина и се користи за потреби на Општина, а не за лични негови потреби и негови блиски лица и од тој аспект не можеме да го разгледуваме ова прашање“,
кажа тој.
Судскиот процес почна во април минатата година, а Мерко се товареше за злоупотреба на службена положба поради набавката на четири моторни возила во вкупна вредност од околу 114 000 евра, меѓу кои и луксузен автомобил „ауди А6“, со што се тврдеше дека го оштетил буџетот на Општината спротивно на начелата на законитост и спротивно на јавниот интерес во услови кога општината имала неподмирени долгови и блокирана жиро-сметка.
Против Мерко во тек се судски процеси за незаконско поставување директори во неколку струшки училишта и поставено спомен обележје-плоча на влезот на општинската зграда.
Струшкиот градоначалник Рамиз Мерко од Демократската Унија за Интеграција (ДУИ) на 9 јуни 2023 година се најде на „црната листа“ на САД поради корупција и мешање во судски процеси.