Од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија утрово соопштија дека во текот на досегашната постапка биле обезбедени докази со кои е утврдено дека сега осомничениот е одговорно лице – реален сопственик на осомниченото правно лице – агенција за обезбедување имот и лица од Скопје
Тој заедно со другите осомничени, кои биле ангажирани како обезбедување, не ги направил неопходните безбедносни проверки во објектот, во однос на противпожарна заштита, безбедносните проценки и можноста за евакуација и критичната ноќ овозможиле во т.н. кабаре да влезат малолетници, не воделе грижа за преполнетоста на објектот и не спречиле внесување и користење пиротехнички средства
Надлежното обвинителство во Кочани ја прошири истрагата за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани за уште едно лице. Станува збор за сопственикот на агенцијата за обезбедување која била ангажирана за обезбедување на т.н. кабаре во кое на 16 март годинава загинаа 62 лица, а речиси 200 беа повредени.

Неофицијално, се работи за Александар Нацев, кој и досега се споменуваше како сопственик на агенцијата што го обезбедувала објектот, а е веќе опфатена во истрагата.
Од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија утрово соопштија дека во текот на досегашната постапка биле обезбедени докази со кои е утврдено дека сега осомничениот е одговорно лице – реален сопственик на осомниченото правно лице – агенција за обезбедување на имот и лица од Скопје.
Според обвинителството, осомничениот вчера бил лишен од слобода и за него јавен обвинител до Основниот суд во Кочани ќе достави предлог за определување на мерка притвор.
Дополнително, вчера биле извршени претреси на две локации во Скопје и Пробиштип, како и во автомобилот на осомничениот. При претресите била одземена обемна документација поврзана со фирмата за обезбедување и електронски уреди.
Инаку, како што информираат од Обвинителството, тој е осомничен за кривичното дело тешки дела против општата сигурност од член 292 во врска со член 288 од Кривичниот законик (КЗ).
„Согласно доказите, тој раководел со деловниот потфат и целокупното работење на агенцијата, заедно со претходно осомничениот управител и со овластеното лице на подружницата во Кочани“,
се наведува во соопштението од Обвинителството.
Имено, како што информираат оттаму, тие без да имаат склучено договор со корисникот на услугата, односно т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, во текот на 2025 година вршеле обезбедување на имот и лица за клубот.
„Новиот осомничен во континуитет активно раководел со планот и начинот за давање на услугата обезбедување преку правното лице“,
велат од Обвинителството.
Тој заедно со останатите осомничени, кои биле ангажирани како обезбедување не ги направиле неопходните безбедносни проверки во објектот, во однос на противпожарна заштита, безбедносните проценки и можноста за евакуација и критичната ноќ овозможиле во т.н. кабаре да влезат малолетници, не воделе грижа за преполнетоста на објектот и не спречиле внесување и користење пиротехнички средства.
„Заедно со осомничените, кои биле ангажирани како обезбедување, спротивно на повеќе членови од Законот за приватно обезбедување, без каква било претходна безбедносна проценка и план за обезбедување, како и без проверка на условите за противпожарна заштита и опасност од пожари, без да извршат проверка по однос на сигурносните услови во кабарето од аспект на имот и лица, особено по опасност и можност за евакуација, во текот на вечерта кога настанал пожарот не контролирале и овозможиле влез на деца во објектот, не воделе грижа за преполнетоста на капацитетот за посетители во објектот, не спречиле внес и користење на експлозивни материи – пиротехнички средства од членовите на музичката група, со кои бил предизвикан пожарот, поради што настапила смрт кај 62 лица, со тешки телесни повреди се здобиле 157 лица, а со телесни повреди се здобиле 54 лица“,
се наведува во соопштението од Обвинителството.
На 28 мај истрагата за катастрофалниот пожар беше проширена со сопственикот на објектот во кој со години функционирало т.н. кабаре и што го издавал под закуп на еден од претходно осомничените.
Тој е осомничен дека без да поднесе барање и да добие одобрение за пренамена на објектот од надлежен орган, заеднички и во договор со неформалниот сопственик на правното лице, во повеќе наврати од 2012 година до март 2025 година преземал градежни активности со кои извршил и учествувал во незаконска пренамена на објектот.
Два дена подоцна, односно на 30 мај, од Обвинителството соопштија дека е завршена истрагата за пожарот и дека во неа се опфатени вкупно 46 лица кои се осомничени за тешки дела против општата сигурност.