Родителите на починатото дете вчера побараа надлежните да испитаат можна лекарска грешка
Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) денеска врши инспекциски надзори во три здравствени установи во врска со случајот со тригодишно дете од Кавадарци, што завчера рано наутро почина на пат кон скопските клиники.

„Инспекцискиот надзор се врши во три установи со цел да се следи патот на лекување на детето. Така, инспекциски надзор се врши во приватната здравствена установа каде детето имало избран матичен лекар, во ЈЗУ Општа болница со проширена дејност Кавадарци, каде било лекувано, и во ЈЗУ УК за детски болести, каде била констатирана смрт“,
велат од ДСЗИ.
Родителите на починатото дете вчера побараа надлежните да испитаат можна лекарска грешка.
„Сабајлето во дваесет минути за три часот ме разбуди сопругата со детето во рацете омалаксано и ми рече да станам брзо оти не е арно синчето. Најпрвин побаравме лекарска помош во Кавадарци, но ми се чини дека нашата ситуација не беше сфатена сериозно. Затоа бараме да се формира комисија која ќе ги утврди точните околности под кои настанала смртта. Детето ни почина во рацете“,
рече таткото на детето, Тони Стојанов, во изјава за МИА.
Како што претходно соопштија од полицијата, тригодишното детенце било починато донесено на комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.
„Неговата мајка Т. Ѓ. С. (36) од Кавадарци изјавила дека околу 3:00 часот го однела во Општата болница Кавадарци, од каде ги упатиле во Клиниката за детски болести при Комплекс клиники ‘Мајка Тереза‘ во Скопје, каде што во 8:45 часот била констатирана смрт“,
информираа од полицијата.