Јахоски денеска се пријавил во Кривичниот суд Скопје, со што ја исполнил обврската за редовно пријавување во судот во рамки на истрагата за злоупотреби со мазутот за ТЕЦ „Неготино“, соопштија денеска оттаму
Иако за сопственикот на компанијата „Пуцко петрол“, Асмир Јахоски, се води судска постапка, тој деновиве е на патување надвор од државата, односно ужива на Босфор, Турција, обвинуваат денеска од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

„Откако доби домашен притвор за кривично дело перење пари и други приноси за набавката на мазут со сомнителен квалитет и потекло, сега синот на пратеникот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) можеме да го видиме по медиумите дека е на Босфор, Турција“,
пишува во партиското соопштение.
Како што наведуваат од партијата, судиите избрани од ДУИ и СДС му го укинаа притворот и му го одзедоа пасошот бидејќи тој даде милиони за гаранција дека нема да бега.
„Сега се поставува прашањето како е тој во Турција каде ги троши милионите што ги проневерил? Судиите му одобриле на Јахоски и му го вратиле времено пасошот за тој да може да шета и ужива по Босфор со пари кои тој и неговите блиски ги украдоа од буџетот на државата“,
велат од партијата на власт.
Оттаму сметаат дека правдата ќе мора да почека додека тој слави матурски на Босфор.
„Затоа судиите мора да одговараат. Реформи во судството мора да има“,
стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
На фејсбук-профилот на градоначалникот на Општина Пласница, Алија Јаоски, вчера се објавени фотографии на кои се гледа дека Јахоски се наоѓа во Истанбул, Турција и присуствува на дипломирање на член од семејството.
Јахоски денеска се пријавил во Кривичниот суд Скопје, со што ја исполнил обврската за редовно пријавување во судот во рамки на истрагата за злоупотреби со мазутот за ТЕЦ „Неготино“, соопштија денеска оттаму.
Од скопскиот кривичен суд во текот на мај, од страна на одбраната на осомничениот, било доставено барање за враќање на патната исправа, односно издавање нова, кое било одбиено од Кривичниот суд, по што по добиена жалба, предметот бил доставен на надлежно постапување во Апелациониот суд Скопје.
Од скопска апелација велат дека не издаваат патни исправи, бидејќи тоа е обврска на други надлежни институции.
На 6 мај годинава Апелациониот суд ја уважи жалбата на Јахоски и ја преиначи одлуката на Кривичниот суд и се укина мерката притвор за него со прифаќање на гаранција со ставање хипотека на имот.
Со гаранција од над два милиони евра, Јахоски излезе од затворот во Шутка.
Од Апелација тогаш посочија дека спрема осомничениот А.Ј. се определени мерки на претпазливост, односно тој има обврска да се јавува повремено на определено службено лице во Основен кривичен суд Скопје, а привремено ќе му биде одземена постојната патна исправа и ќе има забрана за издавање на нова.
Јахоски е осомничен во рамки на истрагата со која се опфатени и сопствениците на фирмата РКМ, Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски, како и избеганиот поранешен директор на ЕСМ Васко Ковачевски поради злоупотреби со набавките на мазут за ТЕЦ „Неготино“ вредни над 160 милиони евра во време на енергетската криза.