Кон средината на мај завојуваните страни се состанаа на директни разговори, првпат од 2022 година. Резултатот од таа средба беше размена на затвореници
Претставници од Украина и Русија денеска треба повторно да се сретнат во Истанбул за да разговараат за можни начини за завршување на војната, јави ДПА.
Почетокот на средбата е закажан за 12 часот во палатата „Чираган“ во Истанбул, соопшти турското Министерство за надворешни работи.
Оваа рунда разговори ја предложи Москва.
Кон средината на мај завојуваните страни се состанаа на директни разговори, првпат од 2022 година. Резултатот од таа средба беше размена на затвореници.
Украинската позиција за оваа рунда разговори вклучува, според украинскиот претседател Володимир Зеленски, целосно безусловно примирје, ослободување на затворениците и враќање на киднапираните деца.
„За да се создаде траен мир, мора да се подготви и состанок на највисоко ниво“,
рече Зеленски.
Москва отфрли безусловно примирје, но неодамна сигнализираше подготвеност за примирје под голем број предуслови.
„За време на траењето на прекинот на огнот потребно западните земји да престанат да го снабдуваат со оружје режимот во Киев, а Украина да ја прекине својата мобилизација“,
изјави во петокот рускиот амбасадор во ОН, Василиј Небензја, пренесе ДПА.
Новата средба доаѓа еден ден по најсмелите и најуспешните украински напади некогаш извршени на руска почва, кои стигнаа дури до Сибир.
Според украинската Служба за безбедност (СБУ), во голем, координиран напад со беспилотни летала врз четири руски воени аеродроми биле погодени десетици авиони, вклучувајќи и стратегиски бомбардери.