Според ВЛЕН, целта на коалицијата Арсовска-Апасиев-ДУИ била да се обвинат други, односно „обични албански фамилии кои едвај легализирале по 50/60 квадрати стан или куќа“

Според ВЛЕН, лидерот на Левица, Димитар Апасиев, ја потврдил коалицијата со ДУИ и градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, а кои биле насочени против граѓаните на Чаир и Сарај.
„Ако на граѓаните на Чаир, Сарај и Скопје не им беше јасна причинита за хаосот кој го предизвикува Данела Арсовска, сега сè станува јасно. Тоа е плод на соработката на ДУИ со Левица. Целта на оваа коалиција е да ги затскрие и заштити дивоградбите кои ги имаат направено кланот на ДУИ и нивните бизнис-партнери во Скопје, Сарај и Шуто Оризари“,
се вели во реакцијата на ВЛЕН.
Според владиниот партнер, целта на оваа коалиција била да се обвинат други, односно „обични албански фамилии кои едвај легализирале по 50/60 квадрати стан или куќа“, за да се сокријат халите, базените, зградите и другите објекти на ДУИ.
„Очигледно Данела Арсовска има некој ситен ќар од кланот на ДУИ, па се брукаат во јавност. Директори на јавните претпријатија во Скопје се кадри на Блерим Беџети, од една страна, и на Левица и Димитар Апасиев, од друга страна. Тоа што не се чисти, не се собира ѓубре, не се перат улици, и тоа во населби каде што живеат Албанците е плод на коалицијата на Блерим, Апасиев и Данела. Нивните директори свесно не ја вршат својата работа“,
стои понатаму во соопштението на ВЛЕН.
Оттаму посочуваат дека оваа коалиција била видлива на седници на Советот на Град Скопје.
„За извештаите на директорите од ДУИ секогаш позитивно гласа Левица, за извештаите на директорите од Левица пак возвраќа со гласање ДУИ. Коалицијата на Левица, ДУИ и Данела Арсовска, во една своја изјава, ја потврди и поранешниот заменик-градоначалник на Скопје, Александар Трајановски. На Албанците во Скопје треба да им биде јасно дека целиот хаос, нечистотии, градби и бизниси се поради личните интереси на кланот на ДУИ и Данела Арсовска. Прекрасна соработка за нив и во нивна корист, а на штета на Албанците во Скопје. Во Сарај ништо не се вложува“,
тврди ВЛЕН во соопштението.
Па додаваат дека Арсовска дала ветување за градење во Чаир, но ниту булевари ниту паркови биле изградени од нејзина страна.
ВЛЕН информира дека Обвинителството и другите институции наскоро ќе добијат докази од нив за, како што велат, криминалите на кланот на ДУИ, поддржан од Арсовска и Апасиев.