Центарот на еуфоријата по големата победа на ПСЖ се случи во Париз, каде што навивачите се собраа во огромен број, а славјето го одбележаа низа инциденти на неколку локации во градот кои резултираа со запалени автомобили, вандализирана автобуска станица и директни судири со полицијата
Министерството за внатрешни работи на Франција соопшти дека во немирите на територијата на целата држава се уапсени 559 лица, од кои 491 во Париз. Најмалку 300 лица се приведени поради сомнение за поседување пиротехника и предизвикување нереди
Две лица загинаа, а стотици се уапсени низ цела Франција за време на прославата на навивачите на Париз Сен Жермен (ПСЖ), по синоќешната победа на францускиот фудбалски клуб во финалето на Лигата на шампионите.

Центарот на еуфоријата по големата победа на ПСЖ се случи во Париз, каде што навивачите се собраа во огромен број, а прославата беше проследена со автомобилски сирени и употреба на пиротехника во текот на целата вечер. Славјето го одбележаа и низа инциденти на неколку локации во градот кои резултираа со запалени автомобили, вандализирана автобуска станица и директни судири со полицијата.

Полицијата интервенираше со водени топови и солзавец.
„Навивачите се обидоа да создадат инциденти на Шанзелизе и постојано доаѓаа во контакт со полицијата фрлајќи големи пиротехнички средства и други предмети“,
информира париската полиција.
Министерството за внатрешни работи на Франција соопшти дека во немирите на територијата на целата држава се уапсени 559 лица, од кои 491 во Париз. Најмалку 300 лица се приведени поради сомнение за поседување пиротехнички средства и предизвикување нереди. Од Министерството дополнително информираат дека во немирите се повредени 192 лица. Со повреди се здобиле и 22 полицајци и седум пожарникари.
Во немирите се регистрирани и два смртни случаи – едниот во Париз, другиот во југозападниот град Дакс.

Дваесет и тригодишник кој со скутер се движел низ Париз, загинал откако бил удрен од автомобил.
Во градот Дакс, на југозападот на Франција, загинало 17-годишно момче по претрпени убоди во градниот кош. Тинејџерот веднаш бил однесен во болница, но подоцна им подлегнал на повредите. Околностите на инцидентот и мотивот сè уште се нејасни, а полицијата го истражува случајот.
Со резултат 5:0 францускиот шампион Париз Сен Жермен го декласираше италијанскиот вицепрвак Интер во големото финале на Лигата на шампионите. За ПСЖ, кој има 13 титули во домашното првенство, ова е прв трофеј во клупската историја.