Опозициската партија оцени дека овие случаи се пример не за селективна, туку за укината, диригирана и контролирана правда, насочена против интересите на граѓаните
Опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ) обвини дека Јавното обвинителство како никогаш досега е претворено во покорна алатка на извршната власт, а правдата ставена под нејзина целосна команда. Партијата го темели ваквото обвинување врз основа на случајот со пожарот во Кочани и, како што велат од ДУИ, тишината околу урбаната катастрофа во скопски Чаир.

„Во Кочани, по трагедија што го потресе целото општество, истрагата е затворена без ниту еден партиски функционер да биде повикан како осомничен иако е јасно за секој граѓанин дека одговорноста е директна и лежи врз Министерството за внатрешни работи и надлежните институции. Молкот на обвинителството е форма на политичка амнестија и навреда за жртвите и нивните семејства“,
велат од ДУИ.
Оценката на ДУИ за случајот со дивоградбите во Чаир, пак, е дека во реално време се случува урбан криминал.
„Повеќе од 150 бесправни градби без статички проекти, без сеизмичка проценка, со нелегално поврзување на струја и без пристап за пожарна или брза помош се живи закани за илјадници граѓани. Луѓето што купиле станови таму не можат да спијат мирно поради страв за животите на своите деца и семејства“,
додаваат од партијата на Али Ахмети.
Оценуваат дека овие случаи се пример не за селективна, туку за укината, диригирана и контролирана правда, свесно насочена против интересите на граѓаните.
- (ВИДЕО) „Временската машина“ за дивоградби во Чаир повторно актуелна – дали се антидатирале решенија