Во соопштението објавено на официјалната веб-страница на манастирот, оттаму искажуваат благодарност до верниците што самоорганизирано ја покажуваат својата грижа и љубов кон црквата, но замолуваат во овие моменти да не биде изгубено од вид она што е над сè – единството на МПЦ-ОА. Тоа, како што се додава, е почетокот и крајот на сè, темелот врз кој почива заедништвото, мирот и духовната надеж
Откако поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан го номинираше новоизбраниот монах Георгиј за нов митрополит на Дебарско-кичевската епархија, што предизвика негодување кај дел од православните верници, со своја реакција по првпат се јави и Бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител“, чиј игумен, епископот Антаниски Партениј, според дел од верниците, треба да е изборот за нов дебарско-кичевски митрополит.

Во соопштението објавено на официјалната веб-страница на манастирот, оттаму искажуваат благодарност до верниците што самоорганизирано ја покажуваат својата грижа и љубов кон црквата, но замолуваат во овие моменти да не биде изгубено од вид она што е над сè – единството на МПЦ-ОА. Тоа, како што се додава, е почетокот и крајот на сè, темелот врз кој почива заедништвото, мирот и духовната надеж.
„Сосема е разбирливо што постојат различни мислења и чувства во Црквата, кои јавно се изразуваат. Секој поискусен духовник би го разбрал тоа како конструктивна дебата внатре во семејството, каде што членовите се љубат и кога мислат различно и се спорат околу нешто. Сепак, за тие теми постојат и други начини: Светиот Синод, внатрецрковен дијалог и советувања со засегнатите страни. Потоа, во духот на плурализмот кој го негува Црквата, не треба да биде исклучена појавата на јавни дебати, конструктивни дијалози, испитување на јавното мислење и слично. И сето тоа со доверба во Божјата промисла и најважно од сѐ со почит кон канонскиот поредок“,
се додава во соопштението на Бигорскиот манастир.
Од манастирот посочуваат дека не чувствуваат ниту навреда, ниту понижување од новонастанатата ситуација, туку достоинство кои, како што велат, доаѓа од живот исполнет со молитва, труд и големи дела.
„Во Бигорската Обител никогаш не сме се стремеле кон човечки височини и признанија, туку кон височините на духот. Зашто и највисокото место е залудно, ако не се претвори во служење и полза за Народот и Црквата. А и најскромното може да биде возвишено, ако од него извира љубов, тивка жртва и светлина. Нашата радост е во народот што се преобразува, во младите што се враќаат на верата, во солзите што се претвораат во надеж и во натамошниот раст на нашата МПЦ-ОА. И во тоа, тивко, но сигурно, со уште поголема жар продолжуваме!“,
додаваат од Бигорски.
Во моментите кога се очекува одлуката на Синодот на МПЦ-ОА за изборот на нов дебарско-кичевски митрополит, од Бигорскиот манастир порачаа дека е најпотребно да се засили молитвата, имајќи ја предвид големата слика, а тоа е натамошниот духовен напредок на МПЦ-ОА и мирот меѓу нејзините чеда.
Во Скопје и во Охрид изминатите два дена се одржаа мирни собири на православни верници кои изразија негодување на одлуката на архиепископот г.г. Стефан за дебарско-кичевски митрополит да го кандидира новоизбраниот монах Георгиј, а наместо тоа побараа како кандидат да биде номиниран и игуменот на Бигорскиот манастир, епископот Антаниски Партениј.
Седницата на Синодот на МПЦ-ОА за избор на нов митрополит е закажана за 12 јуни.