Градоначалникот Висар Ганиу тврди дека во Чаир, каде што живее албанско мнозинство, не е прифатливо политичко потчинување, туку достоинство и еднаквост

Градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, кој е во центарот на вниманието деновиве поради обвинувањата од страна на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, за легализирање на дивоградби во неговата општина, на Фејсбук напиша дека директната соработка на Арсовска, Димитар Апасиев и Блерим Беџети го држи главниот град во заложништво и ја казнуваат Општина Чаир.
Ганиу тврди дека во Чаир, каде што живее албанско мнозинство, не е прифатливо политичко потчинување, туку достоинство и еднаквост.
„Четири години без инвестиции. Ниту паркови, ниту улици, ниту почит. Само ароганција и институционална дискриминација. Во меѓувреме, Град Скопје има собрано над 18 милиони евра од даноците на граѓаните на Чаир и не вратиле ништо за возврат“,
напиша Ганиу на Фејсбук.

Инаку, градоначалничката Арсовска денеска поднесе кривична пријава и докази за наводните злоупотреби од страна на Висар Ганиу откако претходно Обвинителството повика доколку таа има докази да ги достави.
Според Арсовска, чаирскиот градоначалник учествувал во коруптивни зделки за издавање градежни дозволи за згради за кои Градот Скопје дал негативно мислење.
Меѓу другото, скопската градоначалничка деновиве се пожали дека добива закани по нејзиниот живот поради јавното откривање на криминалите на Ганиу.