Американскиот претседател Доналд Трамп на 14 март потпиша декрет со кој беа стопирани грантовите за неколку медиуми, меѓу нив и РСЕ, притоа ги обвини дека промовираат либерално пристрасна агенда

Американскиот окружен судија Ројс Ламберт вчера го одобри барањето на Радио Слободна Европа (РСЕ) и нареди веднаш да се исплатат средствата кон медиумот откако РСЕ ја тужеше Американската агенција за глобални медиуми (УСАГМ).
Ламберт го отфрли аргументот на УСАГМ дека Агенцијата не е обврзана да ги исплати средствата бидејќи други донатори наводно планираат финансиски да го поддржат РСЕ.
Ова следува откако американскиот претседател Доналд Трамп на 14 март потпиша декрет со кој беа стопирани грантовите за неколку медиуми, меѓу нив и РСЕ, притоа ги обвини дека промовираат либерално пристрасна агенда.
РСЕ продолжи да емитува програма, но ги намали расходите, а стотина вработени испрати на принуден одмор, а на хонорарните соработници им ги откажа договорите.
РСЕ е независна меѓународна новинска организација со програми кои ги следат милиони граѓани во 23 држави, меѓу кои Русија, Украина, Иран, Авганистан, Пакистан, како и во Македонија.