Единствено нешто што „добивме“ се царини, вели поранешниот македонски претседател одговарајќи на прашањето, што како држава досега добивме од партнерството со администрацијата на претседателот на САД, Доналд Трамп
Во однос на евроинтеграцискиот процес на земјава, оцени дека Владата нема намера да оди кон ЕУ под овие услови. Ние сме прв случај во историјата на европските интеграции, вели Пендаровски, од позиција на кандидат за членство да поставува услови кон земја членка
Владата направи колосално аматерско промашување во врска со американскиот претседател Доналд Трамп – порача во интервју за „Дојче веле“ експретседателот Стево Пендаровски коментирајќи го партнерството со администрацијата на новиот претседател на САД. Единствено нешто што „добивме“ се царини, вели Пендаровски одговарајќи на прашањето, што како држава досега добивме од партнерството со администрацијата на Трамп.

„Добивме царини, како и сите други, и немавме никакво исклучување од тарифниот систем на американскиот претседател. Јас веќе го коментирав тоа наше нагло приближување до новата американска администрација, со тезата дека ние сме први до американскиот претседател, со најава дека сите други ќе се постројуваат зад нас. Ние, нели го запоседнавме тој периметар и се глорификуваше улогата на некои наши иселеници и некои американски државјани како Лутник или Ричард Гренел, дека тие можат да ни обезбедат привилегирана позиција во идната политика на Трамп. Јас тоа и тогаш и сега го нарекувам колосално аматерско промашување или погрешна проценка кога ги бирате вашите нови, надворешно политички приоритети“,
рече Пендаровски.
Оцени дека власта изминатите месеци водела пропаганда со тврдење дека првпат во поновата историја Владата има односи на високо ниво со официјален Вашингтон.
„Ние сме имале премиер на државата, а не претседател, кој имал прием кај Џорџ Буш во Белата куќа. Ние сме имале претседател, Борис Трајковски, кој бил надвор од сите политички узанси, кој бил прилично интимен како човек со тогашниот американски претседател. И сега да кажете „ова до сега не било, ќе видите што ќе направиме“ и сега да се чудиме што од нив уште може да очекуваме освен тарифите“,
додаде Пендаровски.
Во однос на евроинтеграцискиот процес на земјава, поранешниот претседател оцени дека Владата нема намера да оди кон Европската Унија под овие услови. Ние сме прв случај во историјата на европските интеграции, додава Пендаровски, од позиција на кандидат за членство да поставува услови кон земја членка во Унијата – Бугарија да ги признае 14. пресуди од Стразбур и да го признае македонското малцинство.
„Нашата влада, не случајно, избира една од 27 земји членки на ЕУ, веројатно ќе следат и други две, која ја именува како стратешки економски партнер. Тоа е Унгарија. Можете да замислите какви се реалните амбиции за европско интегрирање на оваа влада кога имаме изјава дека од Орбан може многу да се научи. Тоа е човекот кој го измисли терминот ‘илиберална демократија’, се фали со тоа, и се дружи со слични на него во светот. И ние сега од тој човек ќе учиме?! Зошто ние не се обидеме да направиме стратешко партнерство со Германија? Еве Германија сега има конзервативна влада. Значи намерата е да одиме кон држави, Трамп, кои се со антиевропски ставови, и кон држави во ЕУ кои се ‘црна овца’. Унгарија е држава од која ние треба да научиме многу, а за која започнува процедура за да и се одземе правото на глас во ЕУ. Што ќе научиме ние од нив?“,
вели експретседателот во интервјуто за „Дојче веле“.
Пендаровски вели дека отклонувањето кон држави и системи кои не се премногу демократски, како Србија и Унгарија, ќе ѝ донесат неизвесна перспектива на земјава.
„Ќе се случи истата работа како откако бевме одбиени во Букурешт да влеземе во НАТО, со неизвесна перспектива кога воопшто би се решил тој спор со Грција. Знаете, чекавме 10 години да се реши тој спор. Ќе почнат да се будат сите битни конституенти во македонското општество… луѓето ќе речат: Чекајте, што се случува, мораме ли да чекаме уште 10-15 години за вие да го потпишете тоа што ви го бара Европа…“,
вели тој.
Коментирајќи го договорот со Обединетото Кралство, потпишан пред неколку дена во Лондон, Пендаровски вели дека се работи за меморандум за соработка, а не за стратешки договор, како што го претставува Владата.