Согласно постигнатиот договор меѓу Управата за водење на матичните книги и Музејот на македонската борба за самостојност, салата ќе биде достапна за користење од четврток до недела, од 14:00 до 17:30 часот
Свечената сала во објектот на Порта „Македонија“, позната и како Триумфална порта во Скопје од 1 јуни ќе биде достапна за организирање граѓански венчавки, информираа вчеравечер од Управата за водење на матичните книги по постигнатиот договор со Музејот на македонската борба за самостојност.

„Постигнат е меѓуинституционален договор со НУ – Музеј на македонската борба за самостојност – Скопје, за користење на свечената сала во објектот Порта Македонија, со цел организирање на церемонии на венчавање и вршење на соодветните услуги за запишување на брак во матичните книги“,
информираат од Управата за водење на матичните книги.
За реализација на граѓански венчавки, салата ќе биде достапна за користење четири дена во неделата и тоа – четврток, петок, сабота и недела од 14:00 до 17:30 часот. Договорот за користење на објектот за оваа намена стапува во сила на 1 јуни и ќе трае до крајот на годинава, заклучно со 31 декември, со можност за продолжување.
„Ова претставува значаен чекор кон унапредување на квалитетот на услугите за граѓаните, овозможувајќи им да го реализираат чинот на венчавање во посебен, достоинствен и незаборавен амбиент – во срцето на Скопје“,
велат од Управата за водење на матичните книги.
Објектот Порта „Македонија“ е отворен во 2012 година, во рамки на проектот „Скопје 2014“.