Задачата ќе ја вршат неколку граѓански организации со експертиза во различни области. Резултатите од следењето ќе бидат објавувани во редовни извештаи
Владата самата се обврза на серија реформи како дел од Планот за раст на Западен Балкан. Реформите се прецизно дефинирани, како и роковите за нивно исполнување. За секоја добро извршена задача Брисел ќе исплаќа милиони евра, но за незавршените обврски парите ќе пропаднат
Македонија ќе добие 750 милиони евра од Европската Унија ако ја спроведе Реформската агенда, како дел од Планот за раст на Западен Балкан. Но, како и за други европски пари, така и за овие, ЕУ и нејзини земји членки обезбедија средства и за надзор.
Веќе е формирана Граѓанска алијанса за реформи и раст со претставници од повеќе невладини организации. Тие утврдија методологијата според која ќе треба да го следат напредокот во остварувањето на Реформската агенда и Планот за раст на Западен Балкан.

Методологијата овозможува систематско следење на напредокот, проценка на усогласувањето на реформите со правото на Европската Унија, откривање тесни грла во спроведувањето и зајакнување на одговорноста и транспарентноста при процесот.
Андреја Стојковски од Институт Преспа вели дека мониторингот на спроведувањето на Реформската агенда нема да биде само „голо чекирање“.
„На пример, кај судиите треба да видите дали се применува принципот на кариера, дали се применуваат другите закони што го опишуваат процесот на нивното именување или на нивното напредување во повисоките судови. Дали се објавуваат ранг листите, дали оние што биле рангирани највисоко на листата на крајот се именувани итн. Кога зборуваме за други мерки, тогаш треба да следиме како се имплементира сродното законодавство, како се следат процедурите што веќе се претходно опишани, за да може да ја постигнете саканата мерка“,
вели Андреја Стојковски – извршен директор на „Институт Преспа“.

Граѓанските организации ќе објавуваат два типа извештаи од следењето – ex-ante и ex-post.
„Ex-ante следењето е потребно за да можеме да алармираме кога доаѓа точно утврдениот рок во кој тој реформски чекор или мерка треба да биде спроведена, завршена – ни преостанува уште толку работа да завршиме, досега се направени овие чекори, требаше вака да го реализираме итн. За да можеме ex-post да направиме – дали е конечно реализирана мерката, на кој начин и колку биле прифатени нашите размислувања итн.“,
додава Стојковски.
Методологијата за следење на Реформската агенда ги опфаќа сите пет столба.
Во следењето на реформите од областа управување со јавните финансии, вклучен е Институтот за економски истражувања и политики „Finance think“. Извршната директорка Благица Петрески вели дека ова е важна област со чие реформирање државата може да ја подобри фискалната дисциплина и да ја зголеми ефикасноста и ефективноста во трошењето на јавните пари.
„Ние како држава имаме програма за управување со јавни финансии која е на сила седум-осум години. Меѓутоа, степенот на реализација на таа програма е многу мал. Зошто? Заради севкупните капацитети на институциите и давање, можеби, на други приоритети во рамки на истата институција. Реформската агенда избира посебен дел од оваа вкупна програма каде што дава можност да се направи промена на процесите, промена на начинот на кој се функционира во рамки на една иснтитуција и во рамки на одредени активности и тоа е токму тој процес на реформа што управувањето со јавни финансии треба да го искуси“,
рече Благица Петрески – извршна директорка на „Finance thing“.

Петрески вели дека има три клучни приоритети при управувањето со јавните финансии на кои треба да се обрне посебно внимание при процесот на реформи.
„Првиот е зајакнување на внатрешната финансиска контрола во рамки на буџетските корисници, каде треба и од квалитативен и од квантитативен аспект да се зајакнат капацитетите на луѓето. Треба да се генерираат внатрешни ревизорски извештаи од секој од тие буџетски корисници меѓутоа и да се проценат ризиците, вклучително и оние ризици за корупција што постојат. На таков начин се подобрува фискалната дисциплина кај буџетските корисници и на централно и на локално ниво. Вториот приоритет е во делот на јавните набавки. Тука треба да имаме поголем квалитет и подобро искористување на средствата. И третиот аспект, кој за мене е најклучен, е целосна имплементација на законот за буџети. Преки оваа реформа треба да се воведе, конечно, тоа среднорочно буџетско планирање. Преку ваквата форма на имплементација на среднорочно буџетирање, таа реформа која треба да се имплементира, сметам дека доследно ќе се адресираат слабостите во делот на подреализација на капиталните расходи“,
додаде Петрески.
Во следењето на реформите од областа зелени и дигитални транзиции вклучен e Институтот за добро владеење и политики во животна средина и клима (IPECC). Експертката Јадранка Иванова вели дека Реформската агенда не таргетира аспекти што се директно поврзани со животната средина, туку повеќе ја опфаќа декарбонизацијата односно намалувањето на влијанијата од енергетскиот сектор.
„Предвидени се повеќе активности што се однесуваат на зголемена енергетска ефикасност, зголемена употреба на обновливи извори на енергија, подобрување на целиот енергетски систем особено на инфраструктурата што треба да обезбеди добра транзиција на енергија. Она што е значајно е дека одредени јавни објекти што сега, за жал, сè уште користат топлинска енергија од нафта или дрва, таквите енергенси ќе бидат заменети со обновливи извори што секако ќе придонесе во подобрување на воздухот, а и нормално во подобрување на енергетската ефикасност“,
вели Јадранка Иванова – експертка за апроксимација и право за животна средина и клима.

Реформите во оваа сфера опфаќаат и донесување на закон за климатски акции и подзаконски акти за мониторинг на емисиите на стакленички гасови од одредени индустриски обејкти.
„Тоа е еден комплексен закон и сметам дека Министерството за животна средина и просторно планирање треба да биде соодветно поддржано и од другите министерства вклучително и од Секретаријатот за европски прашања, Министерството за енергетика и Министерството за финансии заради тоа што законот наметнува еден комплексен систем на промени се со цел намалување на емисиите, меѓутоа и финансиски импликации за сите оние инсталации кои при своето работење имаат емисии на стакленички гасови, а влегуваат во опсегот на оние инсталации што се дел од регулативата на Европската Унија за трговија на емисии од стакленички гасови“,
вели таа.
Мониторинг на раформските агенди на земјите од Западен Балкан ќе се врши и на регионално ниво. Тој проект го води Институтот за европски политики (ЕПИ), а една од целите е да се поттикне позитивен натпревар меѓу државите.
„Како мрежа на тинктенкови која работи во регионот, ние и нашите колеги од останатите пет држави сакавме да се обидеме да ја вратиме таа динамика. Поради тоа, нашата цел во оваа иницијатива на која ќе работиме во наредните три години е да идентификуваме области каде што сите држави се обврзале на слични реформи во одредена временска динамика во периодот во кој ќе се спроведува самата Реформска агенда и да креираме една методологија што ќе се фокусира на тоа кои закони и процеси треба да се спроведат, меѓутоа и кој е исходот што треба да се постигне со реформските агенди во однос на самите индикатори“,
смета Симонида Кацарска – директорка на ЕПИ.

Целта е и да се разменуваат искуства меѓу државите кои, инаку, имаат различни пристапи кон овој процес, на пример, во давањето јавност на извештаите за сработеното кои се испраќаат до Брисел.
„Единствената која го објави својот извештај и го испрати во Европската комисија беше Црна Гора, на 15 март. Во останатите држави тоа не е случај. Ја гледаме динамиката на носењето на клучните документи во однос на структурите. Можеме да споредиме каде се доцни. Како резултат на таа регионална димензија, колегите што ни се партнери од Косово се многу свесни дека Косово е единствената држава што не успеа да ги ратификува во својот парламент договорите за заемот па не успеа ниту да ја побара таа прва авансна исплата од Европската комисија“,
додаде таа.
Задачите се познати, роковите течат, мониторингот трае, а првите извештаи ќе стигнат во следните недели и месеци.