За Македонија да може да има целосен бенефит од Реформската агенда (да искористи вкупно 750 милиони евра – дел грантови, дел поволни заеми), потребно е да се исполнат низа задача во точно утврдени рокови. Министерот за европски прашања Орхан Муртезани вели дека првиот фидбек од институциите е оти имаат сериозен проблем да испорачуваат согласно предвидените рокови
На 23 октомври минатата година Европската комисија ги одобри реформските агенди 2024-2027 за пет од шесте земји на Западен Балкан. Веќе следниот ден претседателката на Комисијата го посети Скопје.
„Северна Македонија заврши навистина добра работа, имаме одлични реформи и сега би требало да почнеме со 52 милиони евра до крајот на годината, а Северна Македонија треба да добие повеќе од 750 милиони евра со Планот за раст“,
рече Фон дер Лајен на 24 октомври 2024 г.
Од вкупно 6 милијарди евра за земјите од Западен Балкан, за Македонија се предвидени 750 милиони – една третина неповратни, две третини поволни заеми. Но, исплатите се условени со исполнување конкретни реформи.
„Планот за раст и реформската агенда не се само услов за интеграција, туку и инструмент за оздравување на нашето општество. Интеграциите и растот се наш компас, а реформите мора да бидат наши одлуки и наши политики, наше национално зреење“,
изјави своевремено премиерот Мицкоски.

Како всушност функционира целиот процес? Реформската агенда за Македонија опфаќа 136 активности распоредени во пет приоритетни области:
- Управување со јавни финансии и реформа на јавната администрација;
- Зелена енергија и дигитализација;
- Човечки капитал;
- Развој на приватниот сектор и деловна средина и
- Фундаментални вредности и владеење на правото.

Седум отсто или 52,5 милиони евра се даваат однапред. Тие веќе се исплатени во март годинава. Другите ќе доаѓаат во транши, зависно од тоа дали државата ќе ги исполни реформите во рокот што го ветила.
Или сликовито – за секоја од 136-те активности има краен рок. Ако владата ја заврши активноста во тој рок, испраќа извештај до Европската комисија каде се приложуваат и докази за сработеното. Комисијата, во рок од петнаесет дена, го разгледува и оценува напредокот и доколку е задоволителен, се одобрува исплата на средствата.
Доколку некоја обврска не е навремено исполнета, постои период од една година во која земјата може да се коригира. За целосно да се искористат средствата, реформите треба да се комплетираат до декември 2027 година.

Првиот сериозен тест за земјава дојде во март годинава. Дотогаш требаше да се исполнат пет активности – претежно измени на закони – и тоа во Законот за трговски друштва со воведување нови правила за назначување независни членови на одбори на трговски друштва во државна сопственост, Законот за јавна внатрешна финансиска контрола, како и измени во Законот за буџетите, вклучително и формирање регистар на јавни субјекти.
Министерот за европски прашања Орхан Муртезани вели дека тие обврски се исполнети и се чека исплата.
„Не се исплатени, сме пуштиле барање и, како што реков, после 90 работни дена Комисијата ќе се изјасни. Ако сметаат дека предложените документи се доволни за тие заклучат дека реформите се успешно имплементирани, тогаш врз основа на нашето барање, ќе се исплатат 17 милиони евра. Ние сме имале пет чекори. Ако сите пет чекори Европската комисија смета дека се успешни, тогаш ќе добиеме 17 милиони евра. Ако евентуално смета дека одреден чекор не е 100% исполнет, тогаш тој износ ќе се намали“,
рече Муртезани.

Следниот рок за испорака е крајот на јуни, за кога е предвидено да се завршат уште 16 чекори. Наградата за нивно исполнување е 70 милиони евра.
До 30 јуни, на пример, Владата, меѓу другото, се обврза дека:
- Постепено ќе ја намали јавната интервенција во одредувањето на цените за снабдување со електрична енергија од 70 проценти, за што се предвидени 8,5 милиони евра;
- Донесување на тригодишен план за реновирање на зградите на централната власт усогласен со годишната цел за реновирање од три отсто, за што земјава треба да добие 2,1 милиони евра од Унијата;
- Да се зголемат бројот на инспекции на Државниот инспекторат за труд за 20 отсто и на Пазарниот инспекторат за 15 отсто во однос на периодот од 2020-2023 г. – за оваа реформа се обезбедени околу 2 милиони евра.

Од Министерството за европски прашања ни велат дека во фаза на реализација и имплементација се првата и втората задача од примерите, додека, пак, зголемувањето на бројот на инспекции е целосно исполнет, имајќи ги предвид инспекциите по трагедијата во Кочани.
Дали земјава ќе успее да стигне навреме да ја заврши домашната задача, имајќи предвид дека новиот рок се наближува? Засега, вели Муртезани, речиси сè оди по планот. Единствено доцнење за кое смета дека е оправдано е носењето нов Изборен законик.
Но, на долг рок, министерот очекува да има повеќе предизвици, што може да доведе до тоа многу од планираните реформи да се насоберат за завршување во дозволеното доцнење од една година.
„Имајќи го во предвид капацитетот на нашите институции коишто и во оваа фаза се сериозно предизвикани за да се имплементира овој план, колку повеќе мерки и чекори ќе ни останат на крај, ќе се собираат многу и овие што изостануваат и новите чекори што доаѓаат и поради малиот апсорпционен капацитет на институциите, колку повеќе ќе ни остане за на крај, толку помалку ќе имаме во можност реално да ги имплементираме реформите“,
кажа Муртезани.
Дека домашната администрација има недосиг на кадар кој знае како да работи на реформи и европски фондови е јавна тајна. Тоа, пак, неминовно ќе значи забавено темпо во испораката на најголемите реформи во секое поле. А, ако нема навремени реформи, нема ни пари.
„Првиот фидбек од институциите ни е дека имаат сериозен проблем да испорачуваат согласно предвидените рокови. Тоа што засега е како прв индикатор е дека реформите сепак во правосудниот систем одат со побавно динамика, а мислам дека за да се зголеми довербата на граѓаните коишто знаеме дека е на историски ниско ниво, мислам дека реформите во правосудниот систем од сите чинители на тој систем мора да се работат со голема посветеност и со приоритет за да може да се гради доверба“,
изјави министерот Муртезани.

Спроведувањето на реформите го следат оние што ги даваат парите – Европската Унија. Шефот за соработка во Делегацијата на ЕУ во земјава, Штефан Худолин, вели дека сè уште е рано да се зборува за спремноста на земјава. Сега на дневен ред е единствено првиот извештај. Како целина, додава, се особено задоволни пред сè од преговарањето на реформската агенда.
„Ние треба сега заедно со властите да видиме и да речеме – добро, како оди? Да не бидеме изненадени кога ќе дојде крајот на јуни, што е постигнато, а што не. Бидејќи кога станува збор, на пример, за законодавни пакети кои ќе треба да се усвојат, ние не сакаме да го штиклираме полето дека пакетот е усвоен, туку сакаме да имаме квалитетен закон за кој ќе се консултираме и кој го претставува европското законодавство. Значи, сите овие чекори треба да се случат пред крајот на јуни“,
кажа Худолин.

Очекувањата на Европската Унија се јасни – квалитет на реформи и навремено испорачување, оти голем дел од темите опфатени со Реформската агенда ќе бараат и голема политичка волја од сите чинители, како и општествен консензус.
„Она што треба да се обезбеди е дека понекогаш има технички чекори, како на пример, сега има еден од чекорите што треба да се постигне, а тоа е да се создадат плановите, визијата, иднината на државните претпријатија кои се проблематично поле бидејќи не се профитабилни, има многу државна помош што оди за нив, а тоа е товар за даночниот обврзник. Значи, како да се модернизираат, сега треба да влеземе во подготовката, а земјата треба да ја помине својата ревизија, размислување и да каже: Добро, ова е како ги гледам моите државни претпријатија, како тие треба да изгледаат во иднина“,
вели Худолин.
Сумирано, Европската Унија нуди помош и во знаење и во пари, но домашната работа треба да ја завршат македонските институции. Како што порачуваат од Брисел – времето за штиклирање е поминато, сега се брои само реален напредок.