Пендаровски рече дека лидерите биле блиску до договор за датум за избори, но дека сега комуникацијата е прекината. Тој спомена дека се зборувало и за опција да се гласа во неработен ден односно дека не мора гласањето да се спроведе во недела.
Од денеска на сила е 14-дневна вонредна состојба, која претседателот на државата Стево Пендаровски ја прогласи вчера и е продолжение на ваквата состојба воведена на 18 март поради состојбата со коронавирусот во земјата
Оваа одлука, како што рече Пендаровски по вчерашната седница на Советот за безбедност, ја носи исклучиво за да им се овозможи на Владата и на останатите надлежни институции поефикасно да се справуваат со здравствените и со економско социјалните ефекти од пандемијата и не е поврзана со датумот на предвремените парламентарни избори, иако ги поттикна лидерите на политичките партии да постигнат договор по ова прашање.

„Битката со ковид-19 сигурно ќе ја добиеме, но не смееме да се опуштаме. Мора до крај сите да останеме совесни и одговорни и да се грижиме, како за своето, така и за здравјето на нашите блиски“,
потенцира Пендаровски.
Одговарајќи на новинарско прашање, Пендаровски рече дека лидерите биле блиску до договор за датум за избори, но дека сега комуникацијата е прекината.
Тој спомена дека се зборувало и за опција да се гласа во неработен ден односно дека не мора гласањето да се спроведе во недела.
За претседателот на Собранието во заминување, Талат Џафери, продолжувањето на вонредната состојба за нови 14 дена е доволна за партиите да го договорат датумот за изборите.

Според премиерот Оливер Спасовски новите 14 дена вонредна состојба се со цел да се спроведат сите мерки за справувањето со здравствената криза и со економските последици, како и за услови за одржување избори за функционално Собрание и нова политичка влада.

„Треба да ни биде јасно дека со пандемијата ќе мораме да научиме да живееме и понатаму. Тоа не е нешто што ќе заврши во Северна Македонија, ниту во светот. Едноставно, секој од нас, секој граѓанин, мора да биде свесен, да има одговорност дека мораме да живееме со пандемијата, и согласно тоа да се подготвуваме во наредниот период за такво однесување. Уште поважно е дека ние мораме да имаме институции кои што се функционални, институции кои што ќе функционираат, ќе носат одлуки во интерес на здравјето на граѓаните, во интерес на економијата“,
рече Спасовски.
Упати апел до граѓаните да ги почитуваат мерките и препораките, да се одржува физичката дистанца, да се носи заштитна опрема, да се почитуваат протоколите донесени од Комисијата за заразни болести.
На 18 март поради состојбата со коронавирусот за првпат во историјата на државава беше прогласена вонредна состојба. Првите две одлуки за вонредна состојба беа во времетраење од по 30 дена, а третата што заврши вчера траеше 14 дена.
Одлуките на Пендаровски за прогласување вонредна состојба останаа непотврдени од Собранието, поради тоа што тоа беше распуштено по одлуката за предвремени парламентарни избори кои требаше да с еодржат во април, но поради кризата беа одложени со уредба на Владата.
Првите две одлуки за вонредна состојба беа оспорени пред Уставниот суд, но тој одлучи дека нема основа за поведување постапка за оценување на нивната уставноста и законитост.