Европската Унија го повикува Израел веднаш да ја запре сегашната ескалација и Хамас да ги ослободи преостанатите заложници, додаде претседателката на Европската комисија

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска остро го осуди проширувањето на израелските воени операции во Газа, кое, според неа, е неоправдано.
„Европската комисија отсекогаш го поддржувала и ќе продолжи да го поддржува правото на Израел на безбедност и самоодбрана, но оваа ескалација и непропорционална употреба на сила против цивилите не можат да се оправдаат според хуманитарното и меѓународното право. Проширувањето на израелските воени операции во Газа со таргетирање на цивилната инфраструктура, вклучително и училиште кое се користело како засолниште за раселени палестински семејства, и убивање цивили, вклучително и деца, е одвратно“,
рече Фон дер Лајен по телефонскиот разговор со јорданскиот крал Абдула Втори.
Европската Унија го повикува Израел веднаш да ја запре сегашната ескалација и Хамас да ги ослободи преостанатите заложници, додаде претседателката на Комисијата.
Фон дер Лајен, исто така, упати апел до Израел да ја прекине блокадата на Газа.
„Израел треба веднаш да продолжи со испораката на помош во согласност со хуманитарните принципи, со учество на Обединетите нации и други меѓународни хуманитарни партнери. Посветеноста на Европа кон праведен, сеопфатен и траен мир заснован на решение за две држави останува непоколеблива“,
изјави таа.