„Трагично или не, но реформи на судството со оваа постава во Судскиот совет не би можел да изведе ниту илузионистот Дејвид Коперфилд“, пишува тој на Фејсбук
Потпретседателот на Собранието од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, на својот фејсбук-профил го коментира вчерашниот избор на судии во Апелацискиот суд нарекувајќи го незаконски, а за претседателот на Судскиот совет Александар Камбовски посочи дека извршил и кривично дело.

„Во постапката за избор на судии во скопска Апелација се направени суштински повреди на процедурата на Судскиот совет, има погрешна примена на материјалното право и нецелосно утврдена фактичка состојба. Ова се сериозни незаконитости заради кои при евентуална тужба на било кој од кандидатите пред надлежен суд ќе се поништат одлуките за избор во скопска Апелација, слично како што пред скоро време беше поништена и незаконитата постапка на Судскиот совет за предлог на еден член на Уставниот суд“,
пишува Милошоски.
Според него, доколку Јавното обвинителство или кој било од кандидатите ја обезбеди целата документација каде Судскиот совет ги игнорирал конечното решение на Врховниот суд и правосилната пресуда на Управниот суд, со кои по тужба на еден од кандидатите се укажува на сторени суштински повреди од страна на Советот во оваа постапка за рангирање, тогаш ќе имаат сериозна основа за покренување на обвинение против претседателот на Советот, Александар Камбовски, за неизвршување на судска одлука, казниво според чл. 377 од Кривичниот законик.
„Трагично или не, но реформи на судството со оваа постава во Судскиот совет не би можел да изведе ниту илузионистот Дејвид Коперфилд“,
вели тој.
Милошоски посочува на шест неправилности, кои детално ги образложува. Од нив, како што пишува, првата се однесува на тоа што ниту записниците, ниту двете ранг-листи на кандидати за избор на судии за Апелационен суд Скопје, не се потпишани и верифицирани во полн состав од Комисијата за рангирање на кандидати за избор на судија во повисок суд, која мора да има тројца членови, а потпишани се само двајца.
„Осум дена после некомплетното потпишување на записниците и ранг-листите на некого во Судски совет му станало јасно дека работат спротивно на чл. 2 и чл. 11 од Правилникот за начинот на рангирање на кандидатите за избор на судија во повисок суд, па на 22.01.2025 година е донесена Одлука за дополнување на одлуката за формирање на комисијата, така што на местото од Мирсад Суроји, да членува Аритон Ала, но со оваа одлука не може да се поправи веќе сторената груба повреда. Поради наведеното, предложената ранг-листа е ништовен акт врз кој не може да се остваруваат права, ниту можело да се продолжи со процесот на селекција“,
вели тој.
Како втора нерегуларност, додава Милошоски, сегашниот претседател на Советот, Александар Камбовски, сторил кривично дело неизвршување на судска одлука во врска со овој процес на рангирање на кандидати за избор во повисок суд.
„Иако бил известен пет месеци пред вчерашната седница, тој како претседател на Судскиот совет не постапил по конечно решение на Врховниот суд и правосилна пресуда на Управниот суд, со кои се укажува на сторени суштински повреди од страна на Судскиот совет на Законот за општата управна постапка и погрешно утврдена фактичка состојба во постапката на оценување на еден од кандидатите, што е спротивно на одредбите од Законот за Судскиот совет. Неизвршување на судска одлука претставува посебно кривично дело предвидено со член 377 од Кривичниот законик, во кој со став 2 е предвидена санкција парична казна или затвор до три години. Судскиот совет изборот на судии вчера го извршил без да го сочека одлучувањето на Управниот суд по тужба и предлогот за времена мерка поднесени против решение на Судскиот совет во постапката на оценување на кандидатите“,
објаснува Милошоски.
Трето, пишува тој, решенијата за оценување на кандидатите (донесени во 2023 г.) се потпишани од неовластено лице – Сашко Георгиев, кој немал овластување за потпишување на посочените акти.
Како четврто, го наведува фактот дека добар дел од решенијата за оценување на кандидатите немаат образложение како и на кој начин е утврдена основата за пресметување на оцената, како се применети квалитативните критериуми, како е утврдена средна образложена оцена од Комисијата при Судски совет, како е извршена пресметка на бодови според квантитативните критериуми, со што на сомнителен начин, арбитрерно, со голема врски и субјективизам е креирана конечната ранг-листа, со што е сторена повреда на одредбата од член 89 од Законот за Судскиот совет.
Во продолжение наведува дека сериозна неправилност е и фактот што се врши избор по оглас распишан пред скоро три години, како и дека и ранг листата е правена за резултатите и достигнувањата што судиите ги имале до пред три години, но, не се земени во предвид подобрите (или влошените) резултати, дополнителната едукација, менторство и/или преземањето дополнителна работа во вршење на судиската функција, во прилично долгиот период од распишувањето на огласот до вчерашниот избор, што на секој од кандидатите можело значително да му влијае на промена на вкупните бодови во рангирањето.
За шеста нерегуларност, со која легитимноста на процесот на одлучување е компромитирана, бидејќи, како што наведува, спорен е легитимитетот на петмина членови на Судскиот совет на кои им е изгласана недоверба од Собранието на Македонија, законодавен дом кој ги избрал и пред кого даваат отчет.
Затоа, наведува Милошоски, сите одлуки за кои овие членови гласале можат да бидат оспорени во соодветна постапка пред надлежен суд, со што би бил оспорен и вчерашниот избор на судии во повисок суд.
Претседателот на Основниот кривичен суд Скопје, Иван Џолев на вчерашната седницата на Судскиот совет е избран за судија во Апелацискиот суд Скопје.
Покрај него, нови судии кои ќе постапуваат во кривичната област на скопската апелација се саудијките Марија Клетничка Марковска и Оља Ристова од Основниот кривичен суд Скопје и Бетим Јахја од Основниот суд во Тетово.
Судскиот совет избра и шест нови судии од граѓанска област во Апелацискиот суд Скопје.