Италијанскиот претседател ги реафирмирал заложбите за интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ и ја информирал македонската претседателка дека веќе разговарал со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, и со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за она што ѝ се случува на земјава
Европската Унија не смее да дозволи да бидете жртва на идентитетски прашања или на нивна билатерализација – порачал претседателот на Италија, Серџо Матарела, за време на средбата во Рим со македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова.

Матарела ги реафирмирал заложбите за интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ и ја информирал Сиљановска-Давкова дека веќе разговарал со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, и со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за она што ѝ се случува на земјава.
„Не само како наш пријател, туку и како голем пријател на Западниот Балкан рече дека ЕУ не смее да дозволи ние да бидеме жртва на идентитетски прашања или на билатерализација врзана за идентитетски прашања. Очекува, и јас очекувам, да дојде до разговори со нашите соседи за да видиме кое можеби е најдоброто решение“,
рече Сиљановска-Давкова по средбата со италијанскиот претседател.
Претседателката ја реафирмирала заложбата на земјава за гаранции од ЕУ, оценувајќи дека ако се направи уште една од промените на кои укажува ЕУ тогаш не само земјава, туку ниту Балканот нема да добие ништо бидејќи приказната за ветото и билатерализацијата на евроинтеграцијата ќе се повтори.
„И папата и претседателот на Италија велат дека биле и остануваат наши пријатели и дека на тој пат нема да ги заборават ниту принципите на ЕУ на кои јас повторно потсетив бидејќи ЕУ без принципи и вредности не може да биде филозофија, не може да биде престижна и инспиративна заедница, но исто така и на потребата да седнеме културно со соседите во случајов со Бугарија и да го решиме проблемот“,
изјави Сиљановска-Давкова.
Пред средбата со италијанскиот претседател, претседателката имаше аудиенција кај папата Лав Четиринаесетти.
