По аудиенција, претседателката Сиљановска-Давкова на папата Лав Четиринаесетти му ги претстави членовите на македонската државно-црковна делегација
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска беше на аудиенција кај папата Лав Четиринаесетти во рамки на својата посета на Рим и Ватикан по повод Денот на сесловенските просветители.

По аудиенција, претседателката на папата му ги претстави членовите на македонската државно-црковна делегација, по што во Апостолската библиотека беа разменети и пригодни подароци.

Претседателката на папата му подари длабока резба со мотив гроздови. Резбата е во изработка на дабово дрво, со мотиви и овошје и животни. Мотивот со гроздови ги претставува лозата на животот и симболиката за животна обнова и врска помеѓу религијата и луѓето преку виното (крвта на Исус).

Претседателката потоа одржа средба со државниот секретар на Светата Столица, кардиналот Пјетро Паролин. На средбата присуствуваше и секретарот за односи со држави и меѓународни организации на Светата Столица, надбискуп Пол Ричард Галагер. Средбата заврши со меѓусебна размена на подароци.
По средбите во Ватикан, предвидена е изјава на Сиљановска-Давкова, по што таа веднаш заминува на средба со претседателот на Италија, Серџо Матарела.