Тој се заблагодари на сите кои вчеравечер дојдоа во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ за да го поддржат Алкалоид во реваншот од финалето на Европскиот куп со грчки АЕК
Сопственикот на компанијата „Алкалоид“, Живко Мукаетов, изрази надеж дека Европската ракометна федерација ќе донесе одлука согласно важечките спортски правилници за ракометниот натпревар што вчеравечер во Скопје требаше да се одигра меѓу македонскиот ракометен клуб Алкалоид и грчкиот клуб АЕК.

„РК Алкалоид ги исполни сите барања на надлежните авторитети во поглед на сите организациски аспекти од синоќешниот настан, кој требаше да биде заокружување на една убава приказна во која е вложен многу труд, напор и ресурси. Се надеваме на одлука според важечките спортски правилници на ЕХФ“,
напиша Мукаетов во објава на социјалните мрежи.
Тој се заблагодари на сите кои вчеравечер дојдоа во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ за да го поддржат Алкалоид во реваншот од финалето на Европскиот куп со грчки АЕК.
„Огромно благодарам од срце на сите што дојдовте да го бодрите РК Алкалоид кон историскиот успех. Чесно, праведно, спортски и витешки пристапивме кон ова натпреварување, целосно. И клубот и прекрасната публика“,
додава Мукаетов.
Реваншот меѓу Алкалоид и АЕК од финалето во Европскиот куп што требаше да се одигра вчера во салата „Борис Трајковски“ во Скопје не започна откако ракометарите на гостинскиот тим одбија да излезат на теренот.
На првиот меч во Атина, тимот на Алкалоид победи со резултат од 29:25.