Неуспехот за конституирање на новиот парламентарен состав го остави Косово без нова политичка влада повеќе од три месеци по изборите во февруари годинава
Парламентот на Косово ниту вчера, 21. пат по ред, не успеа да го конституира деветтиот парламентарен состав.
Дури и повикот на шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, која првпат ја посети Приштина на 22 мај, за соработка на парламентарните партии за решавање на политичкиот ќор-сокак во земјата, не донесе промена.

Неуспехот за конституирање на новиот парламентарен состав го остави Косово без нова политичка влада повеќе од три месеци по изборите во февруари годинава.
Вчера пратениците по 13. пат одбија да се формира комисија која ќе го надгледува потенцијалното тајно гласање за новиот претседател на законодавниот дом на Косово.
Прашањето за тајно гласање – предложено на 1 мај од страна на претседавачот на седницата, Авни Дехари откако предложената кандидатка за претседателка на парламентот, Албулена Хаџиу од Движењето Самоопределување, не успеа да ги добие потребните 61 глас на неколку гласања за да биде избрана на функцијата – беше испратено до Уставниот суд опозициските партии во претходниот парламентарен состав.
Тие тврдат дека начинот на кој Самоопределување се обидува да го избере претседателот на парламентот со тајно гласање е неуставен и побараа од Уставниот суд да издаде привремена мерка за забрана на одржување седници, сè додека не го разгледа овој случај како приоритет и не донесе одлука.
Конститутивната седница на парламентот на Косово ќе продолжи во вторник, на 27 мај.