Во објава на неговата социјална мрежа Трут сошал, Трамп ја критикува ЕУ, тврдејќи дека е „формирана со примарна цел да ги искористи Соединетите Американски Држави во трговската помош“ и дека е „многу тешка за соработка“

Американскиот претседател Доналд Трамп ѝ се закани на Европската Унија со воведување царини од 50 проценти за увоз на стоки, почнувајќи од 1 јуни 2025 година.
Во објава на својата платформа Трут сошал, Трамп ја критикува ЕУ тврдејќи дека е „формирана со примарна цел да ги искористи Соединетите Американски Држави во трговската помош“ и дека е „многу тешка за соработка“. Тој потенцира и дека разговорите со нив „не водат никаде“.
Трамп ги обвини ЕУ за „силни трговски бариери, ДДВ, апсурдни казни за корпорациите, нетарифни бариери, монетарна манипулација, неправедни и неосновани тужби против американски компании“.
Според него, овие практики довеле до трговски дефицит со САД од над 250 милијарди долари годишно, што тој го смета за „целосно неприфатливо“. Како одговор на ова, Трамп препорача воведување „рамна царина од 50 отсто за Европската Унија“, со исклучок на производите произведени или склопени во САД.
Новата закана на Трамп доаѓа само неколку часа пред најавените разговори меѓу европскиот комесар за трговија, Марош Шефчович, и американскиот трговски претставник, Џејмисон Грир.
Двете страни, како што пишуваат светските медиуми, се обидуваат да најдат заедничка основа и да избегнат отворена трансатлантска трговска војна.
Разговорот доаѓа само неколку дена откако Брисел, како што првично објави „Политико“, испрати нов предлог за отстапки што е подготвен да им ги понуди на САД. Сепак, според „Фајненшл тајмс“, Грир веројатно ќе го отфрли овој предлог и ќе побара од ЕУ еднострани отстапки, наместо меѓусебни намалувања на царините.
„Им испративме она што го сметаме за одличен, детален и заемно корисен предлог“,
изјави портпаролот на Европската комисија, Олоф Гил, бранејќи го пристапот на Брисел во преговорите со Вашингтон.
Трамп најави и царина од 25 отсто за „Епл“ (Apple) ако „ајфоните“ (iPhone) не ги произведува во САД.
„Одамна го информирав Тим Кук од ‘Епл’ дека очекувам ‘ајфоните’ што се продаваат во САД да бидат произведени во САД, а не во Индија или каде било на друго место. Ако тоа не е случај, ‘Епл’ ќе мора да плати царина од најмалку 25 отсто“, напиша Трамп на Трут сошал.