Претседателот Стево Пендаровски откако денеска соопшти дека ќе прогласи нова вонредна состојба од 14 дена, одговарајќи на прашања, рече дека лидерите на клучните партии биле блиску до договор за датум за избори, но дека сега комуникацијата е прекината.
Тој спомена дека се зборувало и за опција да се гласа во неработен ден односно дека не мора гласањето да се спроведе во недела.

„Она што го знам до пред некој ден, барем додека не излезе оваа нова ситуација во делот на трендовите врзани со пандемијата, неколку од тие клучни лидери од власта и опозицијата беа прилично блиску до датум за избори. Ако ми е дозволено да шпекулирам без да спомнувам имиња и датуми, тие беа во рамки на 10 до 15 дена, а можеби и поблиску. Според одредени нивни искажувања, во таа нивна комуникациска размена на мислења се спомнува и неработен ден како можност за гласање, не само недела како што е досега, бидејќи тоа е возможно со промена на закон или со уредба со законска сила. Може да се гласа и во среда, да речеме. Меѓутоа, она што јас го знам е дека во последните два дена тие комуникации се прекинати, претпоставувам поради новиот развој на настаните“,
рече Пендаровски.
Тој потенцираше дека прогласувањето нова вонредна состојба нема никаква врска со изборите, но порача дека државата не може вечно да биде во вонредна состојба и ќе мора да имаме политички институции со полн капацитет.
Техничкиот премиер Оливер Спасовски, пак, рече дека очекува оти час поскоро ќе се овозможи да се одржат избори, а оптимизам за ова прашање имаше и кај Талат Џафери, кој порача дека 14 дена се доволни лидерите да се договорат.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, на прес-конференција денеска зборуваше дека здравјето на граѓаните му е пред сè и рече дека очекува сега власта да почне со брифинзи дека избори ќе има на 5 јули. Тој изјави и дека е спремен да седне на нова лидерка средба на која ќе се разговара за заштита на здравјето на граѓаните и за иднината на државата.
*Поврзани вести:
Пендаровски: Вонредната состојба ќе продолжи уште 14 дена
По одлуката за нова вонредна состојба Спасовски порача дека очекува избори час поскоро
Џафери: 14 дена се доволни за лидерите да најдат консензус за изборите
ВМРО-ДПМНЕ очекува дека Пендаровски ќе прогласи вонредна состојба од 14 дена