Меџити не прецизира дали преговорите се водат со Зијадин Села, лидер на крило на Алијанса за Албанците, која е дел од „Европскиот фронт“ предводен од ДУИ, но најави дека ќе има конкретни резултати следната недела

Првиот вицепремиер Изет Меџити денеска изјави дека Владата има стабилно мнозинство и по заминувањето на Арбен Таравари и дека се во тек преговори со пратеници од „Европскиот фронт“, кои се во опозиција, за нивно приклучување кон владејачкото мнозинство.
„Во моментов Владата има стабилно мнозинство и веќе има ист број пратеници и по заминувањето на Таравари. И во албанскиот дел има легитимитет и ист број, и без Таравари имаме 13-14 пратеници“,
изјави Меџити.
На новинарско прашање дали овие пратеници ќе дејствуваат како дел од пратеничката група на ВЛЕН, Меџити одговори дека тие се дел од мнозинството и од „Европскиот фронт“ и ќе бидат поддршка за Владата.
Тој, исто така, соопшти дека се во тек преговори со повеќе политички опции за ресорот здравство, по заминувањето на Арбен Таравари, и дека врз основа на тоа ќе дадат нов предлог за министер.
На дополнително прашање дали за опциите за Здравство се разговара само во рамките на ВЛЕН или, пак, и со премиерот Христијан Мицкоски, Меџити рече дека се водат и со други политички субјекти.
„Мислам и на други поединци, групи, политички субјекти кои се надвор од ВЛЕН – во рамки на ’Европскиот фронт’, кои се опозиција и можеби ќе преминат од другата страна“,
одговори вицепремиерот.
Меџити не прецизираше дали преговорите се водат со Зијадин Села, лидер на крило на Алијанса за Албанците, која е дел од „Европскиот фронт“ предводен од ДУИ, но најави дека ќе има конкретни резултати следната недела.
„Со повеќе преговараме и ќе ве известивме кога ќе има конкретни резултати, сигурно следната недела“,
додаде Меџити.
На прашање за легитимитетот на Владата кај Албанците по излегувањето на Таравари, Меџити одговори дека ВЛЕН се повикува на „апсолутната победа на 107 илјади гласови“ и дека повеќето од членството на Алијанса за Албанците ќе остане во рамките на ВЛЕН.
„Ниеден од чинителите внатре во ВЛЕН не може да каже дека ги има тие 107 илјади гласови в џеб. Затоа што има гласови и опозициски настроени кои излегоа да гласаат за промена и надеж. Премина од другата страна Таравари, но не и целиот политички субјект. Деновиве гледате дека има тензии, има различни размислувања, се отповикуваат видни членови на Алијанса за Албанците и мислам дека грото од членството на Алијанса за Албанците ќе остане во рамките на ВЛЕН бидејќи тие придонеле за победата и за овие промени и нема да дозволат заради лични побуди и лични интереси да се враќаат кај Демократската унија за интеграција“,
истакна Меџити.
Во врска со вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи, кадар од партијата на Таравари, Меџити изјави дека тој добро ја тера работата и се надева дека ќе продолжи.
Откако крилото на Алијанса за Албанците со кое раководи Арбен Таравари донесе одлука да ја напушти владината коалиција и да дејствува од опозиција, вчера министерот за здравство ја депонираше својата оставка до премиерот Христијан Мицкоски.
И вчера Меџити, како и неговиот владин колега Фатмир Лимани коментираа во однос на политичките случувања и излегувањето на крилото на Алијанса за Албанците на Арбен Таравари од владината коалиција.
Меџити рече дека оставката на претседателот на Алијанса за Албанците (АА), Арбен Таравари, е лична одлука која не кореспондира со членството и структурите на партијата.
Лимани, пак, рече дека излегувањето на Таравари нема да влијае на мнозинството во парламентот и дека најмалку четворица пратеници од Алијанса за Албанците (АА) ќе се приклучат во редовите на владејачкото мнозинство.