Тој посочи дека тоа што Таравари најавува оставка само за себе, а не и за другите функционери на АА, јасно укажува на негова индивидуална одлука која не е во согласност со ставот на партиското членство и структури

Вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денеска изјави дека оставката на претседателот на Алијанса за Албанците (АА), Арбен Таравари, е лична одлука која не кореспондира со членството и структурите на партијата. Меџити рече дека сите позиции кои ги има АА ќе останат во рамките на коалицијата ВЛЕН, и дека ќе се направи анализа за нивно пополнување со најдобрите и најподготвените кадри.
„Прво треба да ја констатираме оставката. Тоа што е важно е дека сите позиции што ги има Алијанса за Албанците ќе останат во рамките на ВЛЕН. Ќе направиме анализа, ќе ги дадеме на најдобрите и најподготвените за тие позиции“,
изјави Меџити.
Тој посочи дека тоа што Таравари најавува оставка само за себе, а не и за другите функционери на АА, јасно укажува на негова индивидуална одлука која не е во согласност со ставот на партиското членство и структури.
„Тоа што самиот најавува оставка, но не и за другите функционери, тоа покажува и докажува дека има донесено одлука што не коренспондира со членостото и стурктурите на партијата“,
рече Меџити.
Вицепремиерот истакна дека во Алијанса за Албанците се видливи поделби и оти кај дел од членството има различно размислување и непочитување на одлуката на претседателот.
„Има видливи поделби и ги гледаме секојдневно. Има различно размислување и непочитување на одлуката на претседателот и несфатлива им е одлуката. Затоа веќе е видлива поделбата во Алијанса за Албанците“,
додаде Меџити.
Тој се осврна и на соработката со Арбен Фетаи во изминатите месеци околу етничките прашања, како што се Законот за правична застапеност и Законот за јазиците, нагласувајќи дека Таравари во ниту еден момент не посочил на проблем во врска со овие процеси.
„За етнички прашања овие месеци во првата линија бев јас потпомогнат од Арбен Фетаи, за Законот за правична застапеност, за Законот за јазиците и другите етнички прашања и точно е дека господинот Таравари во ниту еден момент не посочил никаков проблем“,
рече Меџити.
На прашањето дали Фетаи ќе остане на својата функција, Меџити одговори дека треба да се праша него лично.
Прашан дали се водат разговори со пратеници од АА за соработка со ВЛЕН, Меџити рече дека не е важно дали се разговара туку дека постои големо незадоволство кај членството на АА, членови на претседателството, видни позиции, ограноци и форумот на жени, што според него, ја потврдува личната природа на одлуката на Таравари.
На прашањето дали Арбен Фетаи ќе биде разрешен доколку сам не поднесе оставка, Меџити најави дека јавноста ќе биде известена во наредните денови, додавајќи дека се во тек разговори и преговори.
Меџити не даде конкретен одговор на прашањето со колку пратеници располага во моментов коалицијата ВЛЕН.
Денеска и неговиот владин колега Фатмир Лимани коментираше во однос на политичките случувања и излегувањето на крилото на Алијанса за Албанците на Арбен Таравари од владината коалиција. Тој рече дека тоа нема да влијае на мнозинството во парламентот и дека најмалку четворица пратеници од Алијанса за Албанците (АА) ќе се приклучат во редовите на владејачкото мнозинство.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, пак, потврди дека во ВЛЕН се подготвува формирање нова пратеничка група и дека веќе има одлука за нов координатор. Сепак, дополни дека секој пратеник има слобода во донесувањето на одлуката за приклучување кон некоја пратеничка група.
Тој вели дека до сите пратеници ќе биде испратен предлогот и сите што ќе се потпишат ќе бидат дел од таа група.