Тој на својата прва средба со кардиналите од целиот свет ја презентирал својата програма или во најмала рака принципите што ќе го мотивираат неговиот понтификат
Папата Лав Четиринаесетти денеска навести дека ќе ја продолжи визијата и реформите на својот претходник папата Франциск.

На средба со католичките кардинали од целиот свет, новиот папа, кој доаѓа од САД и чие световно име е Роберт Френсис Превост, рекол дека покојниот папа оставил скапоцено наследство кое тие мора да го продолжат, пренесе ХРТ.
За време на неговата прва средба со сите кардинали по неговиот избор за папа на 8 мај, Лав Четиринаесетти, исто така, побарал од високите свештеници да ја обноват својата посветеност на главните црковни реформи донесени од значајниот Втор ватикански собор во 1960-тите години од минатиот век.
Папата посочил дека неговиот претходник, кој почина на 21 април од мозочен удар, негувал и промовирал визија за стабилна католичка црква, оставајќи зад себе пример за целосна посветеност на службата.
„Да го преземеме ова драгоцено наследство на Франциск и да го продолжиме ова патување“,
им рекол новиот папа на кардиналите.
Тој, исто така, побарал од свештенството заедно да ја обноват својата целосна посветеноста на реформите донесени од Советот, а кои се однесуваат на одржување миси на локалните јазици наместо на латински, како и на продолжување на дијалогот со другите религии.
Новиот папа го споменал и фокусот на Франциск на, како што рекол, храбар и искрен дијалог со современиот свет во неговите различни компоненти и реалности.
„Папата Франциск вешто потсети и ја обнови содржината на апостолската поука ‘Радоста на Евангелието’. Би сакал да истакнам неколку клучни елементи – повторното воспоставување на Христос во центарот на проповедта, мисионерското преобраќање на христијанската заедница, растот на колегијалноста и синодалноста, фокусот на чувството за вера, особено во најсоодветните и најинклузивните форми како што се народната побожност, грижата за маргинализираните и отфрлените и отворен дијалог во духот на храброст и доверба со современиот свет со целата негова разновидност и реалност“,
рекол папата Лав Четиринаесетти.
Со ова папата, како што наведува ХРТ, ја презентирал својата програма или во најмала рака принципите што ќе го мотивираат неговиот понтификат.
Тој открил и што го инспирирало да го избере името Лав, кое, како што рече, ја одразува трајната посветеност на Црквата кон човечкото достоинство и социјалната правда.
„Решив да го земам името Лав Четиринаесетти. Постојат различни причини, но првата е дека папата Лав Тринаесетти. Во својата историска енциклика ‘Rerum Novarum’, тој се осврна на социјалното прашање во контекст на првата голема индустриска револуција. Денес, Црквата им ја нуди на сите ризницата на своето социјално учење како одговор на уште една индустриска револуција и развојот во областа на вештачката интелигенција што претставуваат нови предизвици за одбрана на човечкото достоинство, правдата и работата“,
рекол тој.
Папата го завршил своето обраќање до кардиналите со зборовите на надеж кои папата Павле Шести ги изрекол на почетокот на својот понтификат во 1963 година, а тоа е дека Црквата треба да се шири низ целиот свет како голем пламен на вера и љубов запален во сите луѓе со добра волја.
Папата Лав Четиринаесетти денеска го имал и своето прво патување надвор од Ватикан, во италијанскиот град Џенацано, на околу еден час возење источно од Рим, за да посети светилиште на Дева Марија.

Тој во ненајавената посета пристигнал на совозачкото седиште во возило „фолксваген“, а толпата собрана пред светилиштето го поздравила со извици и аплаузи.
По посетата, папата им рекол на собраните во светилиштето дека сакал да дојде и да се моли за водство во раните денови од неговиот понтификат, соопшти Ватикан.
Утре новиот папа ќе ја води мисата на Небесната кралица во базиликата „Свети Петар“.