Вечерва се спроведени 21-годишниот К. К., државјанин на Република Турција за кого постои сомнение дека го сторил убиството, и уште четири лица, сите турски државјани, за кои се смета дека му помогнале да избега
Петмина осомничени за синоќешното убиство на странски државјанин во кафуле во Штип вечерва се спроведени во тамошниот суд, информира МИА.

Судија на претходна постапка треба да одлучи за мерки притвор.
Во Основниот суд Штип вечерва се спроведени 21-годишниот К. К., државјанин на Република Турција за кого постои сомнение дека го сторил убиството, и уште четири лица, сите турски државјани, за кои се смета дека му помогнале да избега.
Како што информираат од МВР, вчера во 21:25 часот во СВР Штип било пријавено дека во угостителски објект на градскиот плоштад било пукано со пиштол кон Е. О.(25) од Република Турција, по што сторителот побегнал со возило.
Повредениот бил пренесен во Клиничката болница Штип, каде што потоа починал.
„Синоќа, во 22.15 часот на наплатната рампа ‘Миладиновци’, во заедничка акција на СВР Штип, СВР Скопје и сообраќајната полиција, било запрено патничко возило ‘бмв’ со штипски регистарски ознаки, во кое биле А. Х., Т. М., О. М. и А. О., при што А. Х. се дал во бегство, а другите лица биле лишени од слобода. Набргу, по преземени мерки, тој и сторителот К. К. биле пронајдени и лишени од слобода. Сите лица биле задржани во полициска станица и по целосно документирање на случајот во координација со јавен обвинител, против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави“,
се вели во полициското соопштение.
Штипската телевизија Стар на својата фејсбук-страница објави снимка од вооружениот инцидент.