Американскиот претседател додаде дека сака по прекинот на огнот да се изгради траен мир
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска повика на едномесечен безусловен прекин на огнот меѓу Русија и Украина, при што секое прекршување ќе биде казниво со санкции.
„Разговорите со Русија/Украина продолжуваат. САД повикуваат, на 30-дневен безусловен прекин на огнот. Доколку прекинот на огнот не се почитува, САД и нивните партнери ќе воведат дополнителни санкции“,
објави Трамп на својата мрежа Трут сошал кратко време по разговорот со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Трамп рече дека двете земји ќе бидат одговорни за почитување на „светоста“ на овие директни преговори за запирање на конфликтот што започна кога Русија ја нападна Украина во 2022 година.
Американскиот претседател додаде дека сака по прекинот на огнот да се изгради траен мир.
„Се може да се направи многу брзо, а јас ќе бидам достапен во секој момент доколку се потребни моите услуги“,
порача тој.
Трамп започна разговори со рускиот претседател Владимир Путин во февруари во обид да ја заврши војната за која претходно вети дека ќе заврши во рок од 24 часа од почетокот на неговиот втор мандат.
Трамп и други високи американски претставници ги засилија предупредувањата во последните недели дека Вашингтон е подготвен да се откаже од својата улога на посредник ако наскоро нема напредок.
Зеленски на социјалните мрежи информира дека денеска му рекол на Трамп оти Украина е подготвена за разговори за војната со Русија „во кој било формат“, но инсистира прво да има целосен прекин на огнот.
„Но, за да се случи ова, Русија треба да покаже дека е сериозна во врска со завршувањето на војната, почнувајќи со целосен, безусловен прекин на огнот“,
напиша Зеленски на социјалните мрежи по телефонскиот разговор со Трамп.