Тој упати честитки до сите католици, а особено до членовите на македонската католичка заедница, кои, како што посочи, со својата вера, култура и граѓанска посветеност придонесуваат за духовната разноликост и општественото богатство на нашата татковина
Премиерот Христијан Мицкоски, на својот Фејсбук-профил, го честита изборот на новиот поглавар на Римокатоличката црква папата Лав Четиринаесетти.
„Изборот на Неговата Светост, Папата Лав XIV, прв понтиф со потекло од САД, претставува историски настан за Римокатоличката црква и за сите верници ширум светот. Овој избор е симбол на ново време на отвореност, духовна одважност и универзална припадност, но и продолжение на традицијата на мир, солидарност и грижа за секој човек“,
наведува Мицкоски во честитката.
Тој упати честитки до сите католици, а особено до членовите на македонската католичка заедница, кои, како што посочи, со својата вера, култура и граѓанска посветеност придонесуваат за духовната разноликост и општественото богатство на нашата татковина.
„Нека мандатот на Папата Лав XIV биде воден од мудроста на неговите претходници, од гласот на обесправените и од надежта на новите генерации. Во време на глобални предизвици, неговата порака за мир, дијалог и човечко достоинство добива уште поголемо значење“,
пишува премиерот Мицкоски.
Американецот Роберт Франциско Превост е новиот папа. Тој го зеде името Лав Четиринаесетти. Роден е на 14 септември 1955 година и е американски католички прелат кој е поглавар на Католичката црква и суверен на државата Ватикан од 8 мај 2025 година.
Новиот поглавар на Католичката црква, папата Лав Четиринаесетти, вечерва се појави на главниот балкон на базиликата „Свети Петар“ и пред десетици илјади собрани верници го одржа својот прв говор.